Случајот со бугарскиот рапер Ицо Хазарта кој добил црн печат во пасошот од македонските гранични служби и кој бил вратен назад, е веста која ги полни бугарските медиуми. Тој наместо на концерт во Виница се вратил назад, пренесуваат бугарските медиуми.
Хазарта заедно со три танчерки патувал со приватен автомобил до Виница, но не ја преминал границата кај “Делчево” во Македонија. Таму македонски цариници му удриле црн печат, под изговор дека не можат да бидат сигурни во целта на посетата. Вистинската причина според Хазарта сепак е одбивањето да им даде поткуп, пренесуваат медиумите.
“Полицаецот ме праша каде одиме и зошто. Одговорив дека имаме концерт и дека еден дел од екипата поминаа пред околу еден час. Тој ме праша многу пари ли ќе заработам од концертот. Му одговорив дека најважно е концертот да помине добро. Потоа ме праша повторно многу ли пари заработуваме, како и дали брзаме многу. По ова прашање мојот одговор беше: “Нема да ти дадам пари”.
Полицаецот побарал од раперот да му го покаже договорот со диското во Виница, кој Хазарта не го носел со себе. Според раперот, договор не му е баран на границата, кога патувал за концерти во Битола и Скопје, пишуваат бугарски „Новини“.
“Ме натера да одам со него на страна и со ироничен тон ми рече дека треба да стави црн печат во пасошите и да се враќаме кон Бугарија”, раскажува Ицо Хазарта.
Во меѓувреме, тимот на издавачка куќа Facing The Sun успеал да подготви копија од договорот и да го испрати, но цариникот објаснил дека немаат компјутер, туку само факс, но и дека не го знае бројот.
Подоцна сепак бил даден број 412 – 174 кој логично без меѓународен и локален код бил неупотреблив. Полицаецот одбил да ја прифати како доказ интернет страницата, и рекламата за претстојниот концерт во Македонија. Итно се вмешал и бугарскиот конзул во Скопје, кој лично се јавил на граничната полиција, но без резултат.
“Полицаецот дојде и рече дека не пристигнало ништо, и сигурно нема и да пристигне – ни удри по еден црн печат во четирите пасоши”, раскажува Ицо Хазарта.
Освен финансиска загубата за нас е огромна во секој поглед. Најважното прашање е: дали причината за овој неуспех е еден корумпиран и неспособен полицаец, или нешто друго?, прашува тој по инцидентот.
Ицо Хазарта и Facing The Sun веќе поднеле жалба против активностите на македонските цариници и имаат намера да се алармираат сите инстанци, за да не се повторуваат слични полициски самоволија во пракса, пренесуваат бугарските медиуми.