Кинескиот финансиски центар Шангај денеска соопшти за нов рекорден број на симптоматски случаи на коронавирусот, откако земјата воведе нови рестриктивни мерки за борба против заразата.
Шангај, кој е во центарот на најновата епидемија во Кина, денеска пријави рекордни 3.590 симптоматски случаи на коронавирус и 19.923 асимптоматски случаи.
Бројот на асимптоматски случаи незначително се зголеми во споредба со 19.872 случаи регистрирани вчера.
Економската зона на аеродромот Џенгџу, индустриска зона во централната провинција Хенан, каде што се наоѓаат производствените капацитети на компаниите, вчера објави 14-дневно затворање „за да се прилагоди на епидемијата на коронавирусот“.
Како што се наведува, само персонал со валидна здравствена пропусница и доказ за негативен тест на Ковид-19 ќе може да ја напушти зоната во тој период, иако „специјалните возила“ ќе можат нормално да патуваат за да одат на работа, соопштија властите во економската зона на официјалниот профил на „We Chat“.
Соопштението дојде откако северозападниот град Ксијан соопшти дека привремено ќе воведе делумен локдаун за своите 13 милиони жители, откако десетици се заразиле овој месец.
Се наведува дека новите рестриктивни мерки ќе влијаат на големи нарушувања во синџирот на снабдување, за кои се смета дека најверојатно ќе доведат до доцнење на испораката на компаниите.
Исто така, економистите велат дека мерките ќе влијаат на стапката на економски раст на земјата оваа година.
Кина вчера пријави 24.791 нови случаи на коронавирусот, од кои 3.896 се симптоматски, а 20.895 асимптоматски, соопшти денеска Националната здравствена комисија.
Извор: МИА