Бројот на загинати од овонеделните обилни дождови во Јужноафриканската република достигна 395, при што властите се загрижени дека бројките може да се зголемат поради големиот број исчезнати, пренесува ДПА.
Невремето ја погоди источната крајбрежна провинција КваЗулу-Натал и сега се смета за најлоша временска катастрофа во историјата на ЈАР.
Многу улици остануваат непроодни откако беа уништени од дождовите. Мостови се урнати, а голем број куќи се оштетени. Пристаништето во Дурбан, едно од најголемите товарни пристаништа во Африка, е затворено за одредено време.
Илјадници луѓе побегнаа во засолништа и зависат од хуманитарна помош, по невремето што започна во понеделникот. Некои области немаат ниту струја ниту вода.
КваЗулу-Натал е една од најважните дестинации за одмор во земјата. Невремето не е невообичаено во овој период од годината и голем дел од регионот сметаше дека се подготвил соодветно за таков инцидент.
Повеќе врнежи се очекуваат за претстојниот викенд.
Извор: МИА