Македонските репрезентативци Даниел Георгиевски и Агим Ибраими се на чекор од пласманот во групите од Лигата на шампионите. Двајцата со своите екипи синоќа се изборија за пласман во баражите (последен елиминациски круг) од ова натпреварување.
Георгиевски со Стеауа одигра 1:1 во Букурешт со Динамо Тбилиси и благодарение на победа од 2:0 на првиот дуел се пласираа за баражот. Георгиевски го одигра целиот натпревар, додека Дарко Глишиќ во Динамо Тбилиси беше на клупата за резерви и не влезе во игра.
Ибраими со Марибор одигра дома 0:0 против АПОЕЛ и правилото „гол на гости“ од вкупниот резултат 1:1 го однесе Марибор во следната фаза. Ибраими беше 83.минути на теренот.
Музафер Ејупи ги одигра последните 26 минути за првакот на Албанија, Скендербег. Неговата екипа, победи со 3:2 против Шахтјор Караганди и не се пласира во следната фаза.
Од македонските играчи вечерва ќе настапи екипата на Александар Трајковски, Зулте Варегем против ПСВ.
На синоќешните натпревари беа постигнати следниве резултати:
Стеауа – Динамо Тбилиси 1:1 (3:1 вкупно)
Марибор – АПОЕЛ 0:0 (1:1),
Фенербахче – Салцбург 3:1 (4:2),
Скендербег – Шахтјор Караганди 3:2 (3:5),
Макаби Тел Авив – Базел 3:3 (3:4),
Партизан – Лудогорец 0:1 (1:3) и
Грасхоперс – Олимпик Лион 0:1 (0:2).
Вечерва се играат натпреварите:
Хафнарфјордур – Австрија (0:1 прв натпревар),
Зенит – Нордсјеланд (1:0),
Шериф – Динамо Загреб (0:1),
Металист – ПАОК (2:0),
Елфсборг – Селтик (0:1),
Викторија Плзен – Калју (4:0),
Легија – Молде (1:1) и
Варегерм – ПСВ (0:2).