Истиот миг кога директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, ги соопшти официјалите резултати од пописот 2021, граѓаните ги преполнија социјалните мрежи со коментари. Речиси без исклучок искажуваат револт и бараат оставки од директорот Симовски и од Владата.
„Најголем фалсификат“, „Корумпирани институции“, „Гробари на сопствениот народ“, „Оставка од Симовски и од Владата“ – се само некои од коментарите испратени за време на соопштувањето на резултатите. Граѓаните се сомневаат во резултатот од пописот поради тоа што многумина се изјаснија дека бојкотираат, имаше и некои што не им отвораа врата на попишувачите поради страв од коронавирусот, а други се жалеа дека попишувачите воопшто не ги посетиле поради што во последните денови од пописот беа отворени пунктови на кои на граѓаните им беше дозволено да дојдат сами и да се попишат.
Директорот Симовски на денешното презентирање на податоците рече дека е сосема очекувано да биде нападнат.
„Државниот завод за статистика има обврска да покаже реална слика. Каква ќе биде, ниту знаевме ниту се водевме од желбите и очекувањата. Ја прикажавме реалната состојба. Дали некому ќе му се допадне или не, не коментираме. Ако некој имал очекување, ќе ме напаѓа мене. Ние имавме обврска да направиме стручна работа и ја завршивме“, рече директорот Симовски.
Тој соопшти дека со пописот не биле опфатени приближно 132.000 граѓани, бројка што воопшто не била фактор кога станува збор за конечниот резултат. Нагласи дека спровеле попис во исклучително тешки временски услови на продолжено лето и полни туристички центри, кои токму во периодот на пописот добија дозвола за работа по една и пол година пандемија.
„Имавме јавен и скриен бојкот. Не отвораа врата, луѓето беа дома, се слушаа гласови и движења, а не отвораа и имаше и малкумина што отворено бојкотираа. Нашата намера беше да разговараме и по подолги разговори ги убедивме да се попишат. Не можеме да знаеме дали оние што не отвораа врата бојкотирале или се плашеле од вирусот. Имавме 132.000 неопфатени, плажите беа полни, особено што една година никој не можеше да оди на одмор“, рече директорот Симовски.
Тој вели бројката на неопфатени граѓани со пописот е мала, очекувале да биде поголема. Регистрирале и граѓани што одбиле да бидат попишани, но засега нема информации дека некој е казнет.
„Јас би сакал никој да не е казнет. Потпишуваа изјава за одбивање, но јас би сакал никој да не биде казнет. Треба да знаат колкава штета направиле, а сепак не го уништија пописот, тие се дел од него“, рече Симовски.
Пописот покажа дека во Македонија живеат 1.836.713 лица, односно 58,44 проценти Македонци, 24,3 проценти Албанци, 3,86 проценти Турци, 2,53 проценти Роми, 0,47 проценти Власи, 1,30 проценти Срби и 0,86 проценти Бошњаци.
Во дијаспората биле попишани 258.932 лица. Од нив, 24,45 Македонци, 66,36 Албанци, 4,79 Турци, 1,02 Роми, 0,19 Власи, 0,35 Срби.