На Малта денеска рано утринава се отворени гласачките места за парламентарните избори, на кои се очекува лесна победа на владејачката Лабуристичка партија, пред се, поради доброто управување со пандемијата од Ковид-19.
Фаворит на изборите е премиерот Роберт Абелa од Лабуристичката партија, која постигна добри економски резултати во своите девет години владеење.
Но, угледот на партијата е нарушен со атентатот во 2017 година врз истражувачката новинарка Дафне Каруана Галиција, која ја разоткри корупцијата и нејзините врски со лабуристите.
Убиството на новинарката ја шокираше Малта и светот, а обидите на власта да се влијае врз истрагата го натераа дотогашниот премиер Џозеф Мускат од Лабуристичката партија на почетокот на 2020 година да поднесе оставка на функцијата.
Неговиот наследник ги повлече потезите за зајакнување на правата и медиумските слободи на државата, кои антикорупционерите и самото семејство Каруана Галиција ги сметаат за недоволни.
На последниот изборен митинг Абелa ги повика приврзаниците „да му веруваат“ за „да продолжи да ги менува работите“.
Лидерот на националистичката партија Бернард Греч на предизборен митинг во главниот град порача дека „Нашата демократија е доведена во прашање“.
Сместена недалеку од Сицилија, Малта е најмалата и најгусто населена членка на Европската унија, со околу 516.000 жители распослани на 316 квадратни километри остров.
Поранешната британска колонија со католичко население изгради економија базирана на туризам, на офшор компании и онлајн игри, но е придружена со обвинувања дека е даночен рај.
Извор: МИА