Центарот на Скопје има нов изглед. „Воинот на коњ“ ги надвишува културните споменици во македонскиот главен град, а јавноста е поделена во врска со проектот „Скопје 2014“, пишува во анализата на Национална телевизија на Србија, РТС, која беше емитувана вчера вечер во ударниот термин.
„На крајот на мај следната година, во центарот на главниот град на Македонија официјално треба да биде отворено ’Скопје 2014‘. Нo, контроверзниот проект од почетокот ја подели јавноста, која се прашува дали тоа е зајакнување на македонскиот идентитет или политичка волја на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која ја провоцира Атина. Поддржувачите на проектот велат дека тоа е отплата на историскиот долг од пред Втората светска војна, додека други веруваат дека тоа е фалсификување на историјата. Но, проектот ’Скопје 2014‘ драстично го менува изгледот на градот, не само во однос на периодот пред катастрофалниот земјотрес во 1963 година, туку и во постземјотресно Скопје, кое беше изградено од тогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија, а помогнаа 80 земји од целиот свет“, се вели во анализата.