Суд во Мјанмар денеска додаде изборна измама на обвиненијата со кои веќе се соочуваат соборените лидери Аунг Сан Су Чи и Вин Минт, еден ден пред првата годишнина од пучот со кој беа соборени.
Пресудите се очекуваат за околу шест месеци, соопштија денеска извори упатени во случајот. Против двајцата политичари веќе се водат бројни случаи.
Су Чи, добитничка на Нобеловата награда за мир, во домашен притвор е вкупно 15 години во својот живот.
Откако стана де факто претседателка на владата во 2016 година, Су Чи на почетокот беше многу популарна меѓу луѓето. На парламентарните избори во ноември 2020 година, таа обезбеди втор мандат на функцијата со јасна разлика.
Познавачите веруваат дека таа станала премногу опасна за генералите, кои со децении владееле со земјата порано позната како Бурма пред да дојде на власт, што резултираше со државен удар на 1 февруари 2021 година.
Хунтата го оправда потегот со тврдење за изборна измама, но до сега нема докази за тоа.
Су Чи (76) се соочува со уште 11 обвиненија. Десет од нив вклучуваат прекршување на законот за антикорупција. Неа наводно и се заканува затворска казна до 160 години.
Пред три недели, Су Чи веќе беше осудена на четири години затвор за увоз на радио и кршење на правилата за коронавирус.
Во декември беше прогласена за виновна по две други обвиненија и првично осудена на четири години затвор. Неколку часа подоцна, сепак, воената хунта објави дека казната ќе биде намалена на две години.
Не е јасно дали Су Чи навистина ќе одлежи затворска казна или ќе остане во домашен притвор.
Извор: МИА