На штаки, легнат во полициско возило, Миле Јанакиески е земен од дома со судска наредба и спроведен на судење. Адвокатот Еленко Миланов за „А1он“ вели дека денеска има судење за предметот „Топлик“, но не знае која е потребата обвинетиот да се носи на ваков начин, пост оперативно и со конци на ногата во суд. Полицијата мака мачеше да го смести Јанакиески во возилото, бидејќи неговата нога мораше да биде исправена. Иако пред зградата имаше четири полицајци, бидејќи немаше место за сите во автомобилот, го спроведоа само двајца.
„Постои операција, зафат. Што е интересот во овие седум-десет дена, време во кое е спречен да оди на судење – не знам. Го носат на ‘Топлик’.
Јанакиески уште нема извадено конци од операцијата, според тоа што јас го знам од муабет со него, не е заздравена раната. За утре му е закажано вадење на конци кај докторот кој го оперираше, така што утре ќе имаме нов извештај и состојба“, вели Миланов за „А1он“.
Прашан дали судијата Осман Шабани, кој го суди „Топлик“ знаел за состојбата на Јанакиески пред да издаде наредба за приведување, Миланов вели: „Му доставивме вешт наод и мислење од трауматолог кој работи на ист тип повредени и операции дека има ризик да се појави тромбоза во ногата која може да предизвика сериозни последици. Има и некоја скршеница на коска, не се разбирам сега и јас точно, разберете ме. Не знам што ви кажам. Ова е силување во судството“.
Адвокатот кој го застапува Јанакиески вели дека не се сеќава на друг ваков случај кој е експониран, во неговата кариера.