ВИДЕО: Плаќање затезна камата не е кривично дело, во „Топлик“ е штета и без неа немаше да постои предметот

Од:

Случајот „Топлик“ е првиот каде што затезна камата се смета за штета и се досудуваат осудителни казни. Додека Обвинителството посочува дека и тие како институција плаќале затезни камати по правосилни судски одлуки, обвинителот Бурим Рустеми седна на обвинителна клупа шест лица, меѓу кои и ексминистерот Миле Јанакиески и Димитар Димовски, поранешен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Судијата Осман Шабани прифати ова да се смета за штета на буџетот. По завршување на судењето, Рустеми рече дека ако немало штета, немало да има ниту предмет.

„Како што веќе кажа судот, фактички затезната камата претставува само последица од неправите дејства преземени од страна на обвинетите, односно сите прекршувања од страна на обвинетите. Затезната камата претставува директна последица од нивните дејства. Тоа не претставува некој граѓанско-правен однос, па да се заклучи дека каматата не е штета. Ако се гледа како целина кривично-правниот настан, лесно се извлекува дека тоа е последица на дејствата на обвинетите во овој настан“, изјави Рустеми.

Наспроти него, во јануари годинава од Обвинителството за „А1он“ посочија дека плаќање затезна камата не е кривично дело и дека тоа се прави врз основа на правосилни пресуди. Од таму посочија дека и тие исплаќале вакви средства од буџетот.

„Како и повеќето правни лица, така и јавните обвинителства во текот на своето работење се соочувале со одредени ситуации во кои наплатата на долгот се вршела по судски пат, па притоа биле досудени и законски казнени камати. При наплатата од буџетот на институцијата се симнува целата досудена сума, во која се вклучени основниот долг, каматите и други трошоци предвидени во пресудата“, рекоа од Обвинителството во јануари 2022 година.

Судијата Осман Шабани одлучи затезната камата да ја смета за штета иако таа е досудена со судска спогодба.

„Тринаесет градежни парцели наведени во договорот не одговарале со површините дадени во урбанистичкиот план по што, по поднесената тужба од ‘Сан сити’, државниот правобранител со судска спогодба го раскинал договорот со друштвото ‘Сан сити’ поради што Министерството за транспорт и врски било задолжено на износ од 223.954.780 денари, која била цената на договорот да исплати затезна камата сметана од 1.12.2009 година до 30.9.2012 година за што на 18.2.2013 година од сметката на Министерството за транспорт и врски на сметката на друштвото ‘Сан сити’ била исплатена затезна камата од 65.206.833 денари за кој износ го оштетиле буџетот“, рече Османи.

Случајот го следеа и други контроверзии поврзани со штетата. Обвинителот Бурим Рустеми, по изрекувањето на пресудата, призна дека додека ја водел истрагата, водел и состаноци во Владата. Прашан дали е точно тврдењето дека се сретнал и со ексгенералниот секретар Драги Рашковски, двапати одбегна одговор на прашањето од „А1он“. Адвокатот Еленко Миланов минатиот февруари посочи дека токму во канцеларијата на Рашковски, вработената во Министерството за транспорт и врски, Анета Јорданова, реизработила документ за побарување евентуална направена штета во предметот „Топлик“.
„Сметам дека тие се невистинити обвинувања бидејќи сите состаноци случени во текот на истрагата и во целиот кривично-правен настан се во насока на евентуално произнесување на Државното правобранителство, кое е независен орган и фактични тоа е органот што треба да се произнесе за евентуална штета. Факт е дека судот денес утврди постоење штета, ирелевантно е мислењето на другите лица и на другите органи“.

На прашањето дали ова значи дека не се сретнал со Рашковски, тој додаде: „Сакам да кажам дека состанокот остварен во Владата е реализиран со лицата што всушност се државни претставници, не сум се сретнал со никого приватно во врска со овој предмет. Сум се сретнал со сите со кои беше потребно да се видам“.

За случајот „Топлик“ досудени се две затворски казни и четири условни осуди.

Би можело да ве интересира

Апелација и изменетиот Кривичен законик го урнаа „Топлик“: Предметот застарува за сите обвинети

Апелација ја укина првостепената пресуда за „Tоплик- Сончев град“ и предметот го врати на повторно постапување

Горан Наумовски

(ВИДЕО) „Топлик“: Јанакиески осуден на 3,6 години затвор, Димовски на условна осуда за исплаќање затезна камата по раскинат договор

Кристијан Ландов

“Плаќање камата не е штета, а без неа нема случај”, Јанакиески дециден дека нема вина за “Топлик” ниту докази против него

(ВИДЕО) Јанакиески на штаки со повредена нога и легнат во полициско возило однесен на судење

Кристијан Ландов

Јанакиески бара супервештачење, распит на Срцев и Пешевски, за да докаже невиност за „Топлик“

Кристијан Ландов