Апелација и изменетиот Кривичен законик го урнаа „Топлик“: Предметот застарува за сите обвинети

Од:

Три дена пред да се заокружат точно седум години откако беше отворена истрагата за предметот „Топлик“, Апелациониот суд во Скопје ја укина пресудата, со што дозволи предметот за Сончев град да добие апсолутна застареност.

Со одлуката на Апелација, шестмината кои добија осудителна пресуда во „Топлик“, на повторено судење ќе бидат ослободени од прогон, бидејќи согласно новиот Кривичен законик, како на првообвинетиот екс министер за транспорт, Миле Јанакиески, така и на другите петмина обвинети, делата им застареа во февруари годинава.

Одлуката предметот да се врати на повторно судење која се протега на 24 страни ја потпишале судијката Татјана Дуковска како претседателка на советот и судиите Зоран Димитриевски, Лидија Зимбовска, Гордана Сајковска и Јусуф Ајрулахи, како членови на советот.

„Поради сторените суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка кои ја доведуваат под сомневање и утврдената фактичка состојба и правилната примена на материјалното право, овој суд согласно со член 436 став 1 од ЗКП, одлучи како во изреката на решението. При повторното постапување, првостепениот суд да ги отстрани констатираните суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 од ЗКП, имајќи ги предвид наведените укажувања и со сигурност да ги утврди сите решителни факти во предметот кои имаат битно влијание за законитото одлучување во смисла на член 15 и член 399 од ЗКП“, стои во образложението на Апелација.

На новото судење, единствено што може да се направи е да се констатира апсолутна застареност на предметот во кој според обвинението, бил оштетен државниот буџет во висина од 1 милион и 44.000 евра.

Оваа одлука на Апелација пак, е донесена на 6 септември, на истиот датум кога во Собранието беа донесени измените на Кривичниот законик.

Би можело да ве интересира

Апелација ја укина пресудата и го врати на повторно судење предметот против Мухамед Зеќири

Исмет Гури спроведен во Кривичен, судењето за даночно затајување одложено

Врховниот суд го укина решението на Кривичен и го врати на повторно постапување предметот за екстрадицијата на Блерим Рамадани

Притвор за убиецот на скопјанецот кој беше застрелан кај Мавровка

Тошковски: Кривичен определил надзорот над куќниот притвор на Рамадани да го врши МВР, но не го определил начинот на извршување на надзорот

Кривичен суд: Одговорноста за бегството на Блерим Рамадани треба да се бара кај МВР

Горан Наумовски