Експериментален лек кој првично беше развиен за лекување на грип покажа ветувачки резултати во борбата против вирусот САРС-КоВ-2 и може да има двоен ефект врз Ковид-19, објавија германските научници.
Лекот, наречен запнометиниб или АТР-002, потенцијално би можел да го спречи ширењето на вирусот во клетките и во исто време да го намали прекумерниот имунолошки одговор што влијае на развојот на потешки форми на болеста при инфекција со коронавирус, покажаа експериментите ин витро.
Активната супстанција запнометиниб, која првично се користеше во развојот на лек против грип, се покажа како ефикасна во различни модели на клеточна култура, вклучително и активност против сите тестирани варијанти на САРС-КоВ-2.
Ова подразбира широка применливост во справувањето со претстојните варијанти на коронавирусот со кои ќе се сретнеме во иднина. Во моментов е во тек тестирање на животни за да се потврдат наодите.
Резултатите од студијата, објавени минатата недела во списанието Cellular and Molecular Life Sciences, се добра основа благодарение на која германскиот Институт за лекови и медицински помагала и даде одобрение на Atriva Therapeutics да го тестира лекот и на луѓе.
За прв пат гледаме дека постоечки лек покажува двоен ефект против Ковид-19, рече коавторот на студијата проф. Стефан Лудвиг, виролог од Институтот за вирологија, Универзитетот во Муенстер.
„Позитивните резултати од тековната клиничка студија на луѓе може да резултираат со итно одобрување на лекот уште оваа година“, рече Лудвиг.