Валидноста на негативниот ПЦР тест од понеделник при влез во Словенија ќе биде 48 часа од брисот, а брзиот антиген тест 24 часа од брисот, додека останатите состојби не се менуваат, според новиот протокол на Владата, која реагираше на забрзаното проширување на варијантата омикрон.
Исто така, со новите мерки, кои стапуваат во сила од понеделник, ќе се променат условите за користење на јавниот превоз, така што ќе можат да го користат само лица кои се вакцинирани, оние кои прележале корона или имаат негативен тест, а мора да носат заштитна маска.
Бројот на патници во возовите и автобусите кои седат е ограничен, а меѓу патниците кои стојат треба да има растојание. Организаторите на превозот, односно јавните сообраќајни претпријатија се задолжени за контрола и спроведување на протоколот.
Според неофицијални податоци, во Словенија во последните 24 часа се потврдени 4.468 нови случаи, речиси 3.000 повеќе од пред седум дена, а епидемиолозите стравуваат дека ширењето на варијантата омикрон, која станува доминантна, може да го зголеми бројот на дневни инфекции до 10 000, па и повеќе.