Министрите за надворешни работи на ЕУ расправаат денеска околу решението за вклучувањето на военото крило на либанската милитантна шиитска Божја партија (Хезболах) на „црната листа“ на терористички организации.
Доколку биде постигната согласност за вакво решение, тогаш како илегално и противзаконско ќе се третира испраќањето пари и финансиска помош за оваа група, но и средби на европските дипломати со членови на раководтсвото на групата.
За донесување на одлуката е потребна согласност на сите 28 земји-членки на ЕУ, но такво единство засега нема меѓу европските министри. Противниците на казнувањето на Хезболах, тврдат дека тешко ќе може да се раздели политичкото од военото крило на оваа група, како и дека постои опасност од дестабилизација на внатрешните политички состојби во Либан.
Хезболах е силен политички фактор во оваа блискоисточна земја и таа има свои претставници во Парламентот и Владата на Либан. Официјален Бејрут веќе побара од ЕУ да не се донесе одлуката за ставање на Хезболах на „црната листа“.
Досега ЕУ имаше внимателен пристап кон оваа либанска група, третирајќи ја како еден вид стбилизатор на состојбите во регионот, а посебно во Либан, кој долго време беше сцена на сурова граѓанска војна.
Промена во ставот настана, откако Хезболх застана на страната на властите во Дамаск, додека ЕУ се определи за силна поддршка на сириските бунтовници кои две години се борат за да го соборат од власт претседателот Башар ал Асад.
Хезболах е веќе на „црните листи“ на две членки ЕУ – Велика Британија и Холандија, како и на САД, Канада и Австралија.