Премиерот Зоран Заев вечер на заедничка средба ќе ги информира партиите од владината коалиција за договорот за влегување на Алтернатива во Владата.
Средбата со претставници на политичките партии од владината коалиција ќе се одржи во Владата во 18 часот. Изјави не се предвидени, а по средбата ќе има владино соопштение, информираа за МИА од владината прес-служба.
Парламентарно мнозинство од 64 пратеници и нов состав на Владата во која Алтернатива ќе има тројца министри и тројца заменици-министри. Тоа е постигнато со договорот оваа партија да биде дел од владејачката коалиција. Лидерот Африм Гаши вчера потпиша програма за заедничко дејствување и приклучување во Владата со претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев, кој најави дека заминува од двете функции.
Партиската ќе ја напушти со конгресот на партијата на 12 декември, кога ќе биде избран негов наследник на чело на СДСМ, а од премиерската – за неколку недели односно кога ќе стане извесен успешниот епилог на процесот за почеток на преговорите за членство во ЕУ, односно наоѓање решение со Бугарија.
На официјализирањето на договорот, кој следуваше по три нивни средби, лидерите на двете партии истакнаа дека со четирите пратеници на Алтернатива државата излегува од политичката криза, обезбедено е стабилно парламентарно мнозинство и нема потреба од предвремени парламентарни избори, туку редовни во 2024 година.
Парламент со мнозинство пратеници, нагласија Заев и Гаши, ќе обезбеди стабилност за клучни политики, носење важни закони, решенија за енергетската и пандемиската криза, како и гласање на Буџетот за 2022.
За составот на новата Влада ќе одлучува новиот мандатар и тоа ќе биде по неколку недели.
Алтернатива во следните неколку недели ќе почне да ги презема одговорностите во институциите. Договорено е партијата да добие тројца министри – за здравство, информатичко општество и еден министер без ресор и тројца заменици министри – за образование, култура и еден за ресор што дополнително ќе го договорат. Партијата на Гаши ќе добие и функционерски места во повеќе централни и подрачни институции, меѓу кои МЕПСО, ФЗОМ, Железници, Клиничкиот центар во Тетово, Агенцијата за странски инвестиции….
За кадровските решенија ќе решава Централното претседателство на Алтернатива откако ќе поминат внатрепартиските консултации за имињата со кои ќе учествуваат во извршната власт.