Сопругата на британскиот принц Хари, Меган Маркл извојува правна победа над таблоидот „Мејл он Сандеј“, откако британските судски власти ја одбија жалбата на весникот против пресудата во којашто се наведува дека нејзината приватност е нарушена со објавување на делови од личното писмо до нејзиниот татко.
„Ова е победа не само за мене, туку и за секој кој некогаш се плашел да се залага за она што е исправно. Иако оваа победа е преседан, најважно е што сега сме доволно храбри заедно да ја преобликуваме ’таблоидната индустрија‘, којашто ги условува луѓето да бидат сурови и да заработуваат од лагите и болката што ја создаваат“, рече Меган во својот одговор.
Медиумот се обиде да ја поништи пресудата на Врховниот суд дека ја нарушува приватноста и авторските права на британското кралско семејство околу писмото што Меган му го испратила на татко ѝ Томас Маркл во август 2018 година, три месеци по свадбата со принцот Хари. Сепак, Апелациониот суд во Лондон ја отфрли жалбата на весникот, посочувајќи дека содржината на писмото е лична и приватна работа, а не прашање од легитимен јавен интерес.