Зградата на плоштадот која доби барокна фасада од предната страна, е во фаза на распад од задната страна. Станарите се незадоволни зашто Градот Скопје исполнил само половина од ветувањето, само она што е видливо од страната на плоштадот.
Од тука се сомневаат дека всушност се е само шминка, а вистинските проблеми остануваат. Со месеци чекаат да се обнови и задната страна на зградата, каде што се влезовитеи каде овој заграден простор од комлексот згради ва центарот на Скопје служи како паркинг. Но, откако беше променета фасадата во барок стил од предната страна, работниците се спакуваа и заминаа.
Од Градот велат дека ќе ја обновеле и задната страна на фасадата, но во некоја подоцнежна фаза.
„Град Скопје фазно ќе ги реконструира фасадите и од предниот дел и од внатрешните делови. Во оваа фаза се работи на челните делови, додека во понатамошниот тек на активностите ќе се спроведат постапки за реконструкција и на внатрешните фасади. Град Скопје блааговремено ќе ја информира јавноста и за оваа фаза на реконструкциите на фасадите“, велат од Град Скопје.
Освен со фасадата која е во распаѓање, просторот во вантрешноста на овој комлекс во центарот на Скопје е како од друго време. Станарите на оваа зграда која е на скопскиот плоштад се соочуваат и со проблемот на канализацијата. Несфатливо е велат да има ваков проблем, кој апелираат да се реши речиси една година.
„Додека се копаа цевки, нашата беше оштетена. Одговорот од Град Скопје беше да се вметне помала во истата наместо да се смени, што го ублажи проблемот но не го реши. Сега само чекаме додека повторно се заглави, односно преполни цевката“ изјави еден од претседателите на куќните совети на комплексот, Душко Шанаковски.
За сето ова време канализацијата овде се чисти со вакуум цистерни.
Матеј Тројачанец