Поведена постапка против три лица за обидот за убиство на јавен обвинител од Гостиварско

Од:

Основното јавно обвинителство Тетово поведе постапка против три лица – двајца полнолетни и еден малолетник, кои се осомничени за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 8 во врска со член 19 (во обид) и со член 22 (соизвршителство) од Кривичниот законик. Против двајцата полнолетни соизвршители донесена е Наредба за спроведување истражна постапка, а до Основниот суд во Тетово поднесен е предлог за определување мерка притвор. За малолетникот, пак, постапката ќе се води според Законот за правда на децата.

Како што соопшти ЈОРМ, Тетовското обвинителство ја презеде постапката за да се обезбеди непристрасност на истрагата, со оглед на тоа што оштетениот е јавен обвинител во Основното јавно обвинителство Гостивар.

Настанот, како што се посочува, се случил во раните утрински часови на 21 ноември, кога осомничените соизвршители, заедно со малолетник на возраст од 17 години, се обиделе со умисла да го лишат од живот јавниот обвинител. Оштетениот со својот автомобил и негов роднина се движел по патот низ селото Чегране, а еден од осомничените бил застанат со автомобилот сред пат пред куќата на другиот осомничен. Во тој момент јавниот обвинител им блиндирал со светлата за да го ослободат патот. Откако оштетениот поминал со возилото, осомничените со автомобилот продолжиле да го следат, па кога застанал започнале да го навредуваат и агресивно да се однесуваат затоа што им блиндирал.

-Оштетениот им се претставил дека е јавен обвинител и дека доколку има потреба ќе повикаат полиција за да го расчисти настанот. Сите тројца осомничени започнале да го удираат, а малолетникот од џебот извадил нож со кој му задал убодна рана во задната десна страна од градниот кош. Потоа се обидел да го прободе уште еднаш. Гледајќи дека осомничените имаат намера да го довршат делото и да го лишат од живот, оштетениот извадил пиштол кој го поседувал со дозвола и испукал предупредувачки куршум во воздух со што ги запрел, стои во соопштението.

Судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово го прифати предлогот на јавниот обвинител и на двајцата полнолетни осомничени им определи притвор во траење од по 30 дена.

Би можело да ве интересира

Еден осомничен за ширење омраза кон македонската држава и идентитет

Предраг Петровиќ

15-годишник силувал тинејџерка

Кумановец дал 43 илјади евра на лажен продавач на крипто валути

Украл голф, удрил во маркет, ја повредил вработената и избегал

Уапсена лихварка: дала 2.700 евра, барала да и вратат 15.000

Катерина Ѓуровски

Нема крај на измамите: на старец од Битола му зеле 10 илјади евра со приказна за повредена внука