Во четврток со почеток од 20:00 часот на платформата од ГТЦ кон паркот „Жена борец” ќе се одржи шестиот по ред настан под мотото „Го сакам ГТЦ”.
Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија апелираат дека со облекувањето на ГТЦ во барок целосно ќе се изгуби смислата на овој објект од модерната, ќе се изгуби неговиот концепт на „улица низ централното јадро“ и на јавен граѓански плоштад.
Неговата реконструкција мора да биде во духот на зачувување на оригиналниот објект.
ГТЦ е култен објект за кој покојниот Живко Поповски ја добил најголемата југословенска награда за архитектура, награда за животно дело, а при крајот на животот добил и интернационална награда од Венециското биенале. Веќе четири децении ГТЦ е колективна меморија и секојдневие на скопјани.
„Го сакам ГТЦ“ е иницијатива која ја започна ААМ, а доби поддршка од видни професионалци, од граѓани на Скопје, но и од сопствениците на дуќани во трговскиот центар. За брзо време, „Го сакам ГТЦ“ го поддржаа и многу станари кои живеат во станбените кули на ГТЦ.