МЗТ Скопје Аеродром казнет со 300.000 денари, клупскиот директор со двегодишна суспензија

Од:

Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје Аеродром жестоко реагираше попладнево, оценувајќи ја без преседан одлуката на Дисциплинската комисија (ДК) на Кошаркарската федерација (КФСМ), која поради навреди упатени на социјалните мрежи кон претседателот Перо Антиќ го казни актуелниот македонски шампион со 300.000 денари, а клупскиот директор Тони Грнчаров со двегодишна суспензија.

Антиќ поднесе пријава поради објави илустрирани со фотографии на клупскиот инстаграм профил и фејсбук-профилот на Грнчаров по завршување на натпреварот од Суперкупот против Работнички одиграна на 27 септември.

Актуелниот шампион во својата реакција посочи дека „Антиќ, според членовите на ДК, бил навреден што неговиот лик бил заматен на фотографија објавена на социјалните мрежи на МЗТ Скопје Аеродром и што била објавена навредлива, најверојатно само според неговите сфаќања, објава – Добро утро освојувачи на Суперкупот и останати битни и – небитни“.

– Директорот Грнчаров, пак, е казнет во период од две години поради споделување на клупската објава, повторно преку социјалните мрежи, на која, според Антиќ, но и членовите на ДК кои ја прифатиле неговата поплака, напишал навредливи зборови: „Небитниот уште долго ќе гледа и пати како битните дигаат трофеи“, се наведува во соопштението на МЗТ Скопје Аеродром.

Изразувајќи сомневање дека одлуката на Дисциплинската комисија донесена пред еден месец смислено се објавува „на неколку часови пред вечното дерби против Работнички“, клубот од Аеродром најави жалба до Арбитражната комисија.

– Решени сме да ја истуркаме правдата на виделина, макар стигнале до Европскиот суд за човековите права во Стразбур. Ова е преседан што ако сега не биде побиен, а сторителот казнет со отстранување од функција, тогаш утре ќе може да му се случи на секој друг клуб и кошаркарски работник, дури и на тие што во моментов сметаат дека имаат пријателски врски и некаков видлив или невидлив бенефит од него. Ние како клуб и како кошаркарски работници не сакаме да бидеме дел од национална федерација која е претставник на државата каде што се казнуваат вакви работи само поради лична нетрпеливост, без воопшто да се докаже делото, односно да се каже во кој дел и каде е навредата која толку многу го погодила господинот Антиќ, се наведува во клупско соопштение.

Би можело да ве интересира

Општина Аеродром до сите љубители на спортот: Влезот е бесплатен, дојдете заедно да ги бодриме кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром

Ана Ололовска

„Адмирал“ партнер на македонскиот спорт

Ана Ололовска

Победнички старт на МЗТ Скопје Аеродром во АБА 2 лигата

А1он

Шампионот МЗТ Скопје гостува во Битола во дербито на воведното кошаркарско коло

Ана Ололовска

Црногорецот Милошевиќ го засили МЗТ Скопје Аеродром

А1он

МЗТ Скопје – Работнички во финалето на кошаркарскиот куп

A1on