Ова не е моја борба, тука наша борба за заедничката иднина. И ви велам креваме глава кога тие сакаат да бидеме со спуштени колена. Одлучивме да се бориме, затоа што имаме еден значаен мотив повеќе, а тоа новата иднина, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешното обраќање по повод 23-ти Октомври – Денот на Македонската револуционерна борба.
Мицкоски пред граѓаните во Охрид потенцираше дека новата иднина е долгот на нашите претци, но и обврска за идните генерации, како и дека новата иднина е сон за тоа каква Македонија сакаме да имаме овие 30 години.
Новата иднина е долгот на нашите претци, но и обврска за новите поколенија. Новата иднина е нашиот сон овие 30 години за Македонија каква сакаме да ја имаме. Новата иднина е надежта заокружена од секој еден од вас на референдумот таа 91ва, тој 8 септември. Сетете се на тоа моќно чувство дека сте дел од нешто, дека сте дале нешто за нашата земја, а за жал години потоа не сте добиле ништо. И дека време е, конечно време е денес државата да ви врати вам, рече тој.
„Во вас е силата. Од вас зависи дали ќе создадеме нова иднина, заедничка, подобра иднина, или ќе останеме потонати во апатијата и безнадежноста. Ги повикуваме сите. Сите гласачи кои сакаат нешто да се промени, и не поддржуваат, како и сите оние кои не се определиле првично за нас и оние кои се разочарани од политиката, ајде да се обединиме. Вие сигурно имате оправдана причина да се сомневате. И ние никогаш не сме тврделе дека сме безгрешни, ниту пак совршени. Време е да ги надминеме разликите и да се мобилизираме и обединиме, да покажеме слога и заедништво во намерите да се направи подобро. Потребни сме и сите заедно на Македонија. Со поделби само други користат. Потребни сме заедно да се бориме рамо до рамо и само така ќе успееме, сложно“ – порача Мицкоски.
Тој додаде дека граѓаните останат дома а со тоа им пропадне гласот, власта ќе мисли дека успеала и ги надмудрила, повикувајќи ги да излезат масовно и да им покажат дека граѓаните самите се господари над сопствените судбини.
Македонија ја водат луѓе кои се подготвени да прифатат се, да се пазарат со се. Не е во прашање на недостиг на разбирање од двете страни, туку недостиг на мудрост од македонската влада рече Мицкоски осврнувајќи се на спорот со Бугарија.
Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ има искрен однос на почит и пријателство и секогаш пријателски пружена рака кон соседите, но со целосно право да ги заштити интересите важни за Македонија, а не како што тоа го прави Зоран Заев кој се служи со измами и трикови ветувајќи им се и сешто.
„Ние односите со соседите ќе ги базираме на вредности на меѓусебна почит, толеранција и ќе ги надградуваме низ полињата на взаемен интерес на народите, и во нас секогаш треба да гледаат искрен пријател. Ние нема како Заев да пробуваме да ги вовлекуваме во некои непринципиелни односи, и да се служиме со измами и трикови притоа ветувајќи им се и сешто. Од нас може да имаат само искрен пријател и сосед со кој ќе работат на светла заедничка нова иднина за регионот“ рече Мицкоски.