Мицкоски: Михаилова е нелегално пренесена во Бугарија, кога-тогаш таа и татко ѝ ќе одговараат

Од:

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици, нелегално била пренесена во Бугарија и ги отфрли како невистинити информациите дека таа и нејзиниот адвокат ја преминале македонско-бугарската граница на легален граничен премин. Тој најави дека Министерството за внатрешни работи ги истражува околностите под кои Михаилова ја напуштила земјата и порача дека македонските институции нема да се откажат од случајот.

„Апсолутно е невистина тоа што го емитуваа бугарските медиуми, односно го пласираа во јавноста, дека заедно со нејзиниот адвокат поминале на регуларен граничен премин и дека таму биле поздравени, дека им се салутирало и така натаму. Тоа претставува лага“, изјави Мицкоски на прес-конференција со претставници на компанијата „Кромберг и Шуберт“.

Премиерот посочи дека, според евиденцијата на граничните служби, последното регистрирано влегување на адвокатот било на 28 септември, информација за која, како што рече, потврда имало и од бугарската страна.

„Можам да потврдам дека на нелегален начин е пренесена во Бугарија. Министерството за внатрешни работи истражува и ќе дојдеме до сознание на кој начин е однесена“, нагласи Мицкоски.

Тој ја обвини бугарската политичка елита дека случајот го користи за политички притисок и оцени дека таквиот пристап може да ѝ нанесе штета на самата Бугарија на меѓународен план. Воедно, ги отфрли тврдењата на опозицијата дека заминувањето на Михаилова било однапред договорено, оценувајќи дека станува збор за обид да се создаде политичка тема што би влијаела врз рејтингот на владејачката коалиција.

„Намерата е да се создаде политичка тема за која претпоставиле дека ќе влијае на рејтингот на владејачката коалиција, односно на ВМРО-ДПМНЕ, и на тој начин ќе обезбедат одредена корист за опозицијата“, рече премиерот.

Мицкоски упати и повик до бугарските власти да ги вратат Михаилова и нејзиниот татко во Македонија, со цел да се расчистат сомнежите за околностите на нивното заминување.

„Ако е тоа така договорено, ние ги бараме назад и неа и нејзиниот родител. Уште денеска нека ги донесат и да видиме дали е така договорено или не“, изјави тој.

На прашањето дали Бугарија би можела да ја екстрадира Михаилова со оглед на тоа што таа има и бугарско државјанство, Мицкоски не даде конкретна правна процена. Сепак, нагласи дека македонските институции ќе продолжат да бараат одговорност во случајот.

„Ве гледам во очи и ви кажувам: кога-тогаш. И татко ѝ и таа ќе одговараат. Кога-тогаш“, порача премиерот.

Ива Михаилова е обвинета во предмет поврзан со сообраќајна несреќа со смртни последици, а нејзината кривична одговорност треба да биде утврдена во судска постапка. Таа има македонско и бугарско државјанство, а по нејзиното заминување во Бугарија, Основниот суд во Кочани на 13 октомври издаде наредба за нејзино апсење. Македонските власти распишаа централна и меѓународна потерница, а преку Интерпол–Скопје беше побарано нејзино апсење и екстрадиција.

Бугарското Министерство за внатрешни работи го потврди приемот на барањето, но соопшти дека нема да презема мерки за нејзино лоцирање, повикувајќи се на можноста Бугарија да одбие екстрадиција на сопствен државјанин.

Случајот отвора прашања за околностите под кои Михаилова ја напуштила Македонија, постапувањето на надлежните институции и можностите за нејзино враќање во земјата. Одговорите се очекува да произлезат од истрагата и од понатамошната комуникација меѓу македонските и бугарските власти.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Наумоски: Договорот за Михаилова е само еден случај од многуте – одговорност од Тошковски затоа што никој не одговара!

ВМРО-ДПМНЕ: Дали Филипче и Заев се пазареле со бугарските власти за случајот со Ива Михаилова за да му се оддолжат на Радев?

Горан Наумовски

СДСМ: Мицкоски го штити Тошковски, а граѓаните гледаат театар наместо одговорност за бегството на Михајлова

Горан Наумовски

СДСМ: Клековски се прави како да не е од тука, Ива Михаилова избега зашто Тошковски ја пушти, Муцински договори, а Мицкоски одобри

Горан Наумовски

Нема здравствен случај кај Михајлова, бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум кој ќе го потврдеше тоа, вели Клековски

Распишана централна и меѓународна потерница по Ива Михаилова

Горан Наумовски