Косовскиот Парламент вечерва со 92 гласа „за“ и 17 „против“ го ја усвои новата изменета верзија на Законот за амнестија, предложен од Владата во Приштина.
На претходната седница на Парламентот, предлог-законот беше отфрлен поради спорни членови и вратен на преработка.
Лидерот на парламентарната група на „Самоопределување“, Висар Имери и други пратеници од оваа партија не го поддржаа предлог-законот, истакнувајќи дека „тој е штетен за Косово и амнестира криминалци“.
Законот за амнестија е обврска што косовската Влада ја презеде со Договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Претставникот на ЕУ во Косово Самуел Жбогар и амбасадори од земјите-членки на Унијата настојуваа законот да се донесе по скратена постапка.
Со овој документ се предвидува амнестија за криминални дела, како што се учество во вооружен бунт, шпионажа, поттикнување на национална, расна, верска или етничка омраза, илегално поседување на оружје и загрозување на територијалниот интегритет на Косово.