Над половина луѓе во светот сметаат дека корупцијата изминатите две години се зајакнува, покажува денеска објавениот извештај на „Транспаренси интернешенел“.
Речиси 27 проценти од анкетираните од невладината организација изјавиле дека во изминатите 12 месеци се нашле минимум во една ситуација да дадат поткуп за да добијат некаква услуга од државна или друга институција.
– Државите треба да гледаат посериозно на гласовите против корупцијата и да преземаат конкретни мерки, обезбедувајќи транспарентност и одговорност на администрацијата пред граѓаните, предупредува Хагет Лабел, претседател на „Транспаренси интернешенел“, во соопштение објавено во Берлин.
Анкетата „Светски барометар за корупција“ спроведена меѓу 114 илјади лица од 107 земји покажува и криза на довербата кон политичката класа.
Во 51 држава политичките партии се сметаат за најкорумпирана институција, додека според 55 проценти од анкетираните владините акции се насочени кон приватни интереси.
„Транспаренси интернешенел“ препорачува политичарите да ги објават своите и на семејствата даночни пријави, додека политичките субјекти треба да објават кои ги финансира и во колкав износ.
Граѓаните сега построго ги оценуваат активностите на властите против корупцијата во споредба со пред финансиската од 2008 година.
Пред 5 години 31 процент од анектираните изјавиле дека ги сметаат за ефективни мерките на своите Влади во таа насока, додека денеска така сметаат само 22 проценти од анкетираните, наведува „Транспаренси интернешенел“.