Објавен индексот на отворени општини за буџетската 2020 година – Арачиново и Ранковце имаат најниско ниво на отвореност

Од:

Отвореноста на општинските буџети за 2020 година во Република Северна Македонија за прв пат беше измерена преку Индекс за отворени општини (ИОО) од страна на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ, во соработка со Меѓународниот центар за локална демократија во Шведска.

Резултатите, како што соопшти ЗМАИ, насочуваат дека потребно е унапредување на отвореноста на буџетските процеси во сите димензии.

– Индексот на отворени општини е сеопфатен индикатор за оценување на општинскиот буџетски процес за една фискална година низ три димензии: транспарентност, вклученост и правичност, и отчетност. Резултатите покажуваат дека просечната вредност на ИОО за 2020 година е 31 (од максимум 100). Од друга страна, поставените стандарди за отвореност покажуваат дека општината треба да има вредност на индексот од барем 61 за да има задоволително ниво на отвореност. Единствено една општина, Богданци, има задоволително ниво на отвореност. Ниту една општина нема сеопфатно ниво на отвореност, а општините Арачиново и Ранковце имаат најниско ниво на отвореност, односно имаат индекс со вредност 0, наведуваат од ЗМАИ.

Просечната оценка за димензијата транспарентност, според Извештајот, е 39, за вклученост и правичност е 16 и за отчетност е 38. Оттука, посочуваат во соопштението, очигледно е дека еден од факторите за слабата отвореност на општините е ниското ниво на вклученост на граѓаните и правичност на донесените локални буџети.

– Доколку ги разгледуваме одделно вкупно има 12 општини имаат задоволително ниво на транспарентност на буџетскиот процес. Од друга страна има 24 општини кои постигнуваат доволна транспарентност на буџетскиот процес, кај 33 општини измерена е минимална транспарентност додека 12 општини покажуваат недоволна транспарентност на општинскиот буџетски процес, се наведува во соопштението.

Додаваат дека 72 општини (89 проценти од сите општини) се оценети дека имаат недоволна или минимална вклученост и правичност во нивните буџетски процеси. Гледано врз основа на населено место, урбаните општини се малку подобро рангирани. Имено, 25 посто од урбаните (11) општини се оценети со минимална, додека 61 отсто од нив дека имаат недоволна вклученост и правичност. Од друга страна, дури 84 проценти (31) од руралните општини имаат недоволна вклученост и правичност на буџетските процеси, а само осум посто (три) имаат минимална. Притоа, ниедна општина нема сеопфатна вклученост и правичност, додека од деветте општини кои имаат доволна или задоволителна вклученост и правичност, дури 67 посто (шест општини) се урбани.

– Оценето е дека 36 општини имаат доволна отчетност на општинските буџети. Од нив 22 општини се урбани, а 14 се рурални. Слична е распределбата и кај пониските категории во однос на населеното место, каде што 39 општини (48 посто од сите општини) се оценети дека имаат минимална или недоволна отчетност. Од друга страна, кај повисоките категориите овој процент е значително повисок кај урбаните општини. Имено, иако ниедна општина не е оценета со целосна отчетност, од шесте општини кои имаат задоволителна отчетност, дури пет (83 отсто) од нив се урбани, посочуваат од ЗМАИ.

Недоволната отвореност на општините, како што додаваат, придонесува за зголемена неефикасност на локалната самоуправа при давање на јавните услуги кон граѓаните.

– Оттука, во наредните години неопходно е значително да се унапреди отвореноста на сите општини во државата, а индексот на отворени општини ќе продолжи обезбедува фер натпревар помеѓу општините кој на долг рок ќе придонесе за сеопфатно отворање на буџетскиот процес на општините кон граѓаните, велат од ЗМАИ.

Би можело да ве интересира

Општини за еднодневен престој на куче во прифатилиште плаќале за 244 отсто повеќе од просечната цена

Орце Костов

Во спортките клубови завршиле над 90 отсто од парите на општините наменети за невладини организации

Орце Костов

Донесена одлука за пренамена на буџетски средства во износ од две милијарди денари за 66 проекти во општините во државава

Колева: ДПМНЕ да се заблагодари на граѓаните и на Владата за обезбедените пари за општините, не на Мицкоски

Предраг Петровиќ

ВМРО-ДПМНЕ: Локалната самоуправа има три пати повеќе доверба од народот за разлика од власта

Општините и училиштата ги издаваат салите и терените нетранспаренто, без криетриуми, некогаш и без надомест

Катерина Ѓуровски