Инвестирајте во младите, покажете им дека имаат можности дома, порача Коен Давидс, извршен директор на Светска банка на првиот ден од Меѓународниот економско-финансиски форум што се одржува во Скопје во организација на Министерството за финансии.
– Треба да се создадат можности за младите, да се инвестира во нив бидејќи регионот се соочува со одлив на мозоци. Важно е да им се покаже на младите дека имаат повеќе можности тука, важно е тие да си го најдат своето место во општеството, рече Коен на третиот панел што се одржа попладнево, а на кој се дебатираше за доброто управување и општествената кохезија.
Оцени дека антикризните пакети што беа воведени во земјава за време на пандемијата се добри, потенцирајќи дека помошта треба да биде таргетирана односно да стигне до оние на кои им е најпотребна. Според Коен, потребно е да се продолжи и со вакцинацијата на населението.
Во однос на проекциите рече дека очекувањата се оптимистички, а регионалната соработка и преговорите за пристапување со Европската унија се важен дел за да се постигне тоа.