Лидерите на Г-7 не успеаја да го убедат Бајден да ја продолжи мисијата во Авганистан

Од:

Додека талибанците назначуваат свои функционери и министри, светските сили се обидуваат да евакуираат што повеќе луѓе од Авганистан.

Покрај странските државјани, од кои досега многумина ја напуштија земјата, многу Авганистанци стравуваат од повторување на бруталното толкување на шеријатскиот закон што талибанците го воведоа кога првпат ја преземаа власта во 1996-2001 година и од одмазда за соработување со САД во изминатите две децении. Во исто време портпаролот на талибанците ги предупреди САД да престанат со евакуација на квалификувани Авганистанци, и истакна дека нема да биде продолжен рокот за напуштање на земјата на 31 август.

Поради ситуацијата со евакуацијата од Авганистан и однесувањето на талибанците, вчера се одржа и онлајн вонреден состанок на лидерите на седумте индустриски најразвиени земји во светот, со кој претседаваше британскиот премиер Борис Џонсон.

Се очекуваше британскиот премиер да изврши притисок врз американскиот претседател Џо Бајден да ги задржи своите сили на терен после 31 август, бидејќи тие обезбедуваат сигурност на аеродромот во Кабул за да им се овозможи на луѓето да ја напуштат земјата.

Џонсон и другите лидери на Г-7 сепак не успеаја да ги убедат САД да ги задржат војниците во Авганистан за да продолжат напорите за евакуација по крајот на месецот.

По вонредниот состанок на лидерите на Г-7 Бајден рече дека рокот останува во сила. Тој подоцна додаде дека сепак, рокот за повлекување на американските војници од Авганистан (31 август) зависи од тоа дали талибанците ќе обезбедат пристап до аеродромот во Кабул. Според американските медиуми, тој на самитот на Г-7, рекол дека американската војска во земјата е под голем ризик од терористички напади, и тој расте од ден на ден.

– Ќе направиме сè што можеме до последна минута, но слушнавте што рече претседателот на САД, слушнавте што рекоа талибанците, рече Џонсон и изрази увереност дека можат да се извлечат уште илјадници луѓе. Сепак тој истакна дека ситуацијата на аеродромот не се подобрува.

Британскиот премиер по итната видеоконференција на Г-7, изјави дека организацијата на седумте најразвиени земји во светот постигнала договор за планот за како да се однесува кон талибанците.

– Она што го направивме денеска како Г-7 е постигнување договор, не само за заеднички пристап за решавање на евакуацијата, туку се согласивме и за план како ќе се однесуваме кон талибанците, рече Џонсон по итниот видео самит на седумте најразвиени земји во светот.

Тој повтори дека условот број еден за талибанците е тие да мора да гарантираат безбеден премин за секој што сака да го напушти Авганистан по 31 август.

Џонсон изрази надеж дека талибанците ќе сфатат дека, како што рече, Г7 е организација која има клучно глобално „економско, дипломатско и политичко влијание“.

– Она што сакаме да го порачаме е дека Авганистан не може повторно да стане жариште на терор, ниту нарко држава, а девојчињата мора да имаат право на образование до 18-годишна возраст, рече британскиот премиер.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен соопшти дека повеќето вработени во Европската унија со седиште во Авганистан, вклучително и Авганистанци, се евакуирани од аеродромот во Кабул. На прес-конференција по самитот на Г7 таа изрази благодарност што повеќето од персоналот, вклучително и авганистанскиот персонал и нивните семејства, се евакуирани од Авганистан и се безбедни.

Лајен информира дека лидерите на Г7 се согласиле оти е нивна морална должност да му помогнат на авганистанскиот народ по враќањето на талибанците на власт во земјата.

– Ситуацијата навистина е тажна за авганистанскиот народ и претставува голем чекор наназад за меѓународната заедница, рече фон дер Лајен.

Претседателката на Европската комисија посочи дека сега најклучна е помош за оние кои се соочуваат со непосреден ризик во Авганистан, особено за голем број внатрешно раселени лица, од кои 80 проценти се жени и девојчиња.

И генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, им се приклучи на повиците за продолжување на работата на аеродромот во Кабул со цел да се поддржат авионските летови надвор од земјата.

Столтенберг за време на коментарите на разговорите на лидерите на Г-7 рече дека неколку стотици вработени и соработници на НАТО обезбедиле клучни услуги, како што се контрола на летање, снабдување со гориво и комуникација на аеродромот, соопшти Алијансата.

Тој рече и дека НАТО, исто така, ја презела координативната улога, со цел да се обезбеди евакуација на луѓето што е можно поефикасно.

Столтенберг, исто така, рече дека главниот приоритет на НАТО е да се осигури дека Авганистан повторно нема да стане платформа за меѓународните терористи.

Би можело да ве интересира

Бајден: Издавањето налог за апсење на израелски лидер е срамота

Горан Наумовски

Бајден наполни 82 години и стана најстариот актуелен претседател во историјата на САД

Медведев: Можеби старецот Бајден решил да го напушти овој свет и да земе дел од човештвото со себе

Катерина Ѓуровски

Синот на Трамп за одлуката на Бајден: Проклети, имбецили, сакаат Трета светска војна

Бајден одобри Русија да биде нападната од американски ракети

Горан Наумовски

На средбата со Бајден, Си оцени: Односите меѓу САД и Кина останаа стабилни

Горан Наумовски