Театарско- драмското студио на НУ Центар за култура Крива Паланка со годишната програма за драмска дејност има предвидено две претстави кои се поддржани од Министерството за култура и на чијашто подготовка интензивно се работи, информираше координаторот на студиото, режисерот Глигор Цветковски.
-Претставата „Да се означиме”, чиј автор е нашата кривопаланчанка Христина Ѓоргиевска, е од жанрот на комедијата и е наменета за помладата публика. Оваа претстава ја подготвуваме за изведба со помладите членови на драмското студио. Во неа на специфичен, хумористичен, напати ироничен начин, е прикажан животот на едно обично семејство во денешницата исполнета со ултра-технологија, социјални мрежи и брз начин на живот, изјави Цветковски.
Втората претстава предвидена во програмата за работа на НУЦК-Крива Паланка е „Балканска 3а/II” од Дејан Дуковски, за која Цветковски рече дека е урбана приказна која под превезот на фарсичноста на формата и мистериозноста на содржината, задира длабоко во универзалната човечка слика или приказ на свет во кој владеат силите на истенчената природа на сетилното.
Адаптацијата и режијата на двете претстави ги предводи Цветковски, а учествуваат членови на „Театар&Драмско студио” при НУ Центар за култура Крива Паланка.
-Премиерите се предвидени за крајот на август и првата половина од септември, на матичната сцена на установата или во друг соодветен простор, во зависност од условите поради планираниот проект за реконструкција на Центарот, додаде Цветковски.