Беспилотно летало синоќа е пресретнато и соборено во близина на Амбасадата на САД во Багдад, соопштија ирачките безбедносни сили.
Во инцидентот нема повредени лица, а дронот не успал да стигне до територијата на Амбасадата.
Според ирачката телевизија Ал Хадас се огласиле сирените на Амбасадата на САД откако непознати лица се обиделе да да истрелат ракета кон Зелена зона во центарот на Багдад, каде се лоцирани голем број владини згради и дипломатски мисии.
Ирачките власти неодамна ги интензивираа безбедносните сили во Зелената зона, откако шиитска група најави дека ќе одговори на гранатирањето на нејзините позиции на 28 јуни, во близина на границата со Сирија, од страна на американските воздухопловни сили.