Ристо Вуков го комплетираше вториот Гран при викенд во Порше Карера Куп Италија за оваа сезона. Трките во Муџело донесоа и убави моменти, но и мали разочарувања за македонскиот возач.
Условите за натпревар на една од највозбудливите патеки за возење беа прекрасни, но Вуков жали за нереализираниот потенцијал, бидејќи откако се пласираше на 15. место во квалификациите, на два пати освои бодови за пласманите на 13. место.
– Секогаш настојувам да бидам самокритичен, да ја барам грешката кај мене и да се обидам да се подобрам, но за жал овој викенд констатирав дека мојот автомобил не беше доволно добро подготвен за оваа трка. Управливоста не беше на потребното ниво, едноставно имав чувство дека постојано „ми се лизга од раце“, особено во втората трка. Немав перформанси за да се впуштам во дуел со ривалите, а тоа најмногу го посакував. Првично бев разочаран, но откако направивме анализа, увидовме дека кај мене лично има голем напредок споредено со минатата година, а јас лично чувствував дека можам и повеќе, но бев хендикепиран со лимитето на возилото.
Лани во Муџело на Порше Карера Куп Италија, Вуков имаше една секунда послабо време од годинашното.
– Напредокот кај мене е видлив, но лани во трката имаше 22-23 автомобили, а годинава 34. Тогаш успеав да освојам пласмани меѓу првите десет, а сега сум на 13 место. Знам дека доаѓам да се натпреварувам со возачи кои тука тренираат со денови и ја познаваат патеката многу подобро од мене, но за жал овој викенд мојот автомобил ја немаше посакувата острина, а пневматиците ги изгубија своите добри својства уште пред половина од трката, додаде Вуков.