Данскиот репрезентативец Кристијан Ериксен добро се опоравува во болница по шокантниот срцев удар кој го преживеа во саботата на мечот меѓу Данска и Финска во првото коло од групата Б на Европското првенство.
Тој падна на теренот во 43. минута и остана да лежи неподвижен на тревникот, лекарите го реанимираа 13 минути, но успеаја да го спасат.
29-годишниот Ериксен итно беше пренесен во болница, од каде имаше телефонски разговор со своите соиграчи, кои ги убеди да се вратат и да го продолжат натпреварот.
Неговиот менаџер Мартин Шотс за „Газета дело спорт“ откри дека се очекува Ериксен да ја напушти болницата многу брзо, веќе во текот на утрешниот ден.
„Постојано се слушаме и се шегуваме. Тој е одлично расположен. Ми рече дека нема да се откаже и сака да тренира. Тој сака да знае што точно му се случило, како што сакаме и сите ние. Лекарите прават тестови, ќе биде потребно малку време да се открие точната причина. Тој треба само да се одмори, и мислам дека ќе биде надвор од болница веќе утре. Кристијан сака да биде во живо и на мечот Белгија – Данска в четврток и да ги бодри своите соиграчи“, изјави неговиот агент.
Ериксен попладнево им се обрати на репрезентативните колеги преку видеоповик од болница во Копенхаген, во која беше хоспитализиран во саботата вечер, откако неговото срце престана да чука за време на натпреварот против Финска, а лекарите го реанимираа со дефибрилатор.
– Ни порача да одиме напред и да се радуваме на натпреварот в четврток. Тоа многу ни значи на сите … Тоа ми даде сила, изјави за локалните медиуми данскиот напаѓач Пјер-Емил Хојбјерг.
– Тоа ни остава впечаток дека сè е во ред да продолжиме. Ние навистина сакаме да играме во четврток, да играме за Кристијан и за сите, кои не поддржуваа, порача Хојбјерг.
Данска во првиот натпревар загуби од дебитантот Финска со 1:0, а Хојбјерг беше непрецизен од белата точка.