Фудбалерот на Данска, Кристијан Ериксен веројатно доживеа срцев удар на натпреварот против Финска, и според мислењето на поранешниот лекар на Тотенхем, за чудо се опоравил.
Данскиот фудбалер колабираше на сред натпревар и следеше драматичен период, бидејќи првите сигнали воопшто не изгледаа добро, напротив, шокот на лицата на фудбалерите и стравот на трибините и ширум светот покажаа реален степен на опасност и загриженост дали Ериксен ќе преживее.
Професорот Санџеј Шарма, кој го подложил поранешниот играч на Тотенхем на бројни здравствени тестови од 2013 до 2020 година, вели дека Ериксен никогаш немал проблеми со срцето, но дека тестовите „никогаш не се 100% сигурни“.
Шарма додава дека 29-годишниот Данец се опоравил „многу брзо“, имајќи ги предвид наводите дека срцето му застанало на пет минути.
– Ако направиле реанимација и ако користеле дефибрилатор, тогаш можам да кажам дека станува збор за примарен срцев удар предизвикан од „влегување“ на срцето во лош ритам – изјави професорот Шарма за Дејли Мејл и продолжи:
– Само видов дека истрча кон топката, дека му откажуваат нозете и дека паѓа… нозете тотално го „предадоа“, што е јасен показател дека нешто опасно тргна наопаку, тој стана „мек“ и само падна… мозокот веројатно остана без кислород.
Тој наведува дека времето, во случајот на Ериксен, од моментот кога паднал на земја до моментот кога бил реанимиран, во медицината се нарекува „застој“.
Секоја минута на застој на срцето ги намалува шансите за преживување за седум проценти
– Колку подолго трае „застојот“, полошо ќе биде за вас! Секоја минута што ја поминувате во „застој“ ги намалува шансите за преживување за седум проценти. Обично, некој што поминал пет или шест минути во „застој“, доколку се опорави, е во критична состојба и треба да биде поврзан со респиратор и да се интубира за да може да дише. Чудо е што преживеа! Но, не заборавајте, Кристијан е многу млад здрав човек. Тој не е како постарите луѓе кои имаат проблеми со срцето… тој е момче со фантастична циркулација, вели Шарма.
Професорот Шарма вели дека се молел за Ериксен во моментите пред да пристигне охрабрувачката вест дека Данецот преживеал и е во стабилна состојба.
Фудбалерот, кој од Тотенхем премина во Интер, бил подложен на „максимални тестови“ во Лондон, кои не покажале никакви проблеми со срцето.
– Од кога дојде во Тотенхем во 2013 година, мојата работа беше да го следам, а ние го тестиравме секоја година, продолжува Шарма.
– Неговите тестови до 2019 година – го тврдам тоа – беа сосема нормални без очигледен проблем со срцето. Ова го тврдам затоа што јас ги направив тестовите, додава тој.
Кога слушнал дека Ериксен колабирал, веднаш ги погледнал неговите претходни медицински резултати.
– Помислив „Боже мој, дали е нешто што не го видовме?“, Но, погледнав во документацијата и сите резултати беа совршени. Можно е Кристијан да имал „тивки срцеви проблеми“ откако го напушти Тотенхем во јануари 2020 година, иако Интер сигурно ги направи сите тестови. Но, ние сме во пандемија на коронавирус. Некои фудбалери може да имаат „суб-клиничка ковид инфекција“ што може да влијае на срцето, заклучи професорот по кардиологија Шарма.