Фудбалската репрезентација на Македонија прва од сите селекции замина во Букурешт, на Европското првенство, правејќи ги последните подготовки пред историскиот настап на големото натпреварување. Поради ковид-протоколите, националниот тим има строго ограничено движење во базата во хотелот „Мериот“ каде што е сместена. Имаат опсег од еден кат, два лифта на располагање и еден ресторан.
Токму затоа Стефан Ристовски објаснува дека се како во затвор.
„Се обидуваме да ја задржиме ведрината и атмосферата на високо ниво, бидејќи тоа не донесе на ЕВРО. Не е лесно, затворени сме 24 часа во хотелот, одиме на тренинг и назад. Но, сепак, имаме своја цел на првенството и затоа сме тука. Досега бевме скромни во секој поглед и во секој дуел, но ги знаеме нашите квалитети, знаеме со што располагаме, ќе има изненадувања, ќе видите. Холандија е фаворит во групата, а за останатите позиции ќе видиме како ќе се распределат“, изјави Ристовски.