Пратеникот од бугарската ВМРО-БНД во Европскиот парламент, Ангел Џамбаски, реагираше со ново негирање на македонската нација, коментирајќи ја објавата на Руската амбасада во Скопје, која упати честитка по повод Денот на сесловенските просветители – цитат од постара изјава на претседателот Владимир Путин, во која тој вели дека писменоста во Русија дошла од „македонската земја“.
Руската амбасада во Македонија денеска им го честиташе празникот на Македонците, повикувајќи се на зборовите на Путин, а Џамбаски реагираше остро уште на Твитер, обвинувајќи ја амбасадата за „досега најтажниот и најголемиот фалсификат“.
„Писменоста и православието се пренесени во денешна Русија од Бугарија. И тоа е факт. “Македонската” азбука е создадена заедно со македонската нација во Москва пред 1945 година. А лагите се вистински срам. Засрамете се“, им пиша бугарскиот европратеник и националист на Русите.
Во Бугарија, денешниот празник за првпат се одбележува токму според предлогот на партијата на Џамбаски – како Ден на Светите браќа Кирил и Методиј, бугарската азбука, образование, култура и словенска литература. Досегашното официјално унана празникот беше Ден на словенската писменост, бугарското образование и култура.
Според објаснувањето од партијата дадено лани, кога беше променет називот на празникот, „оваа иницијатива има за цел да го оддалечи празникот од обидот на Скопје да ја присвои кирилицата“.
Руската амбасада во Софија го користеше новото име на празникот во обраќањето до Бугарите, додека амбасадорката Елена Митрофанова ја истакна важноста на работата на Светите браќа за Русија.
„Драги пријатели, без сомнение, улогата на Бугарија во ширењето на словенската писменост, јазик и култура е неспорна… И во Бугарија и во Русија, наследството на светите браќа Кирил и Методиј, кои ја одредија самосвеста и развојот на братските словенски народи многу векови е внимателно зачувано, рече Митрофанова.