Младиот архитект Жарко Чаушевски имал бурни и бериќетни 12 месеци од својата кариера од април 2012 до денес.
За само една година, успеал да добие 24 награди за своите конкурсни трудови, а ако се додаде и наградата за конкурсот за барокната зграда на Водовод, Чаушевски добил вкупно 25 конкурси. Во недостиг на целосни информации, за 23 од овие 25 дела Чаушевски инкасирал вкупно 1 милион и 750 илјади денари.
Документите од бирото за јавни набавки се нецелосни и непрецизни, но се однесуваат на реконструкција на фасади, изградба на нови згради, урбана опрема, паркови итн. Во оваа пресметка не се вклучени хонорарите за зградата на ЕЛЕМ, Геолошкиот завод и извесен парк во Аеродром. За овие конкурси не се наведени сумите предвидени за наградените решенија.
Интересно е да се забележи дека на неколку конкурси Жарко Чаушевски не бил првопласиран, а сепак неговото решение е земено за користење од државните органи. Дали можеби другите решенија, прворангираните, биле во некој посовремен архитектонски израз, а биле сепак поквалитетни, па властите одлучиле да наградат еден архитект, а да користат труд на друг.
Во случајот со зградата на ЕЛЕМ, Чаушевски е трето рангиран, а во случајот со зградата на Советот за Радиодифузија, неговото дело се наоѓа на второ место.
Со овие конкурси Жарко Чаушевски станува веројатно најнаградуваниот архитект во Македонија со најмногу капитални дела во главниот град. Во своето CV, Чаушевски ги има зградата на Владата, Водовод, ЕЛЕМ, Совет за Радиодифузија, ГТЦ, Геолошкиот Завод, а наскоро ќе има и “свој” парк во Аеродром. Овој млад архитект на свои 30 години има повеќе објекти во Скопје од своите професори и славни архитекти како Живко Поповски, Јанко Константиновски, Петар Муличковски.
Со своето “скромно” соработничко искуство во светските студија со Френк Лојд Рајт и Чарлс Инс, Муличковски има само 2 згради во Скопје, а едната од нив (онаа на Владата) ќе биде барокизирана токму од Чаушевски.
Сепак, дел од неговите колеги забележуваат дека и покрај добиените награди, архитектонскиот труд во овој случај е потценет. Архитект-колега на Чаушевски изјави:
“Да добиеш 30.000 евра за 25 капитални решенија е најголема навреда за нашата професија. Не сакам да навлегувам во неговата компетентност, но човекот чии трудови победиле на конкурси за 6 различни згради во Скопје, фасади и паркови заслужува многу повеќе од 30.000 евра. Архитекти што уредуваат станови и дизајнираат викендици наплатуваат подобро од тоа.“
Малите надокнади за овој архитект го креваат сомнежот на многумина дали се работи за вистински конкурси или за претходно договорени решенија. Малите хонорари, несомнено, укажуваат на второто.
Во малкуте податоци од биографијата на Жарко Чаушевски познати на јавноста нема никакви негови ангажмани надвор од границите на Македонија или познати негови решенија надвор од владините нарачки.
Засега се знае дека работел како урбанистички инспектор во Општина Аеродром, а во моментов е косопственик на фирмата Архитектоника.