Познатиот милијардер и филантроп Бил Гејтс во младоста водел прилично разуздан живот, пред да вплови во брачните води со сопругата Мелинда, со која деновиве се разделуваат по 27 години заеднички живот.
Новинарот Џејмс Валас, кој напиша две книги за основачот на „Мајкрософт“ во 90-тите години, сега се прашува дали и покрај годините, Гејтс поради разводот би можел повторно да му се врати на животот од младоста, во која според биографот, Гејтс бил вистински „азган“.
Во биографиите на милијардерот, Валас пишува дека Гејтс во времето кога ја основа својата компанија, постојано организирал разголени и „диви“ забави на кои имало стриптизерки. Во интервју за „Дејли мејл“, новинарот сега вели и дека за тоа не треба да му се замерува на Гејтс, кој имал само 19 години кога заедно со другарот Пол Ален го создал „Мајкрософт“.
„Во тоа време, многу „деца“ од компанијата беа млади момчиња кои по два-три дена не ги соблекуваа маичките со дамки од пица додека развиваа некој софтвер“, вели поранешниот новинар-истражувач на „Сиетл Пост-Интелиџенсер“.
„Тогаш правеа прилично луди забави, одеа по клубови и бараа стриптизерки, кои ги носеа во куќата на Бил. Не беше тој некое невино момче или некаква „бубалица“,“, вели Валас.