За да нема дополнителен товар за потенцијалните странски туристи кои летово би дошле во земјава, државата ќе им ги надомести ПЦР-тестовите, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата на која беше претставен шестиот пакет мерки.
– Тоа ќе се направи во соработка со Институт за јавно здравје, Фондот за здравство и Министерство за здравство, затоа што сметаме дека само кредибилни и јавни институции можат да спроведат ПЦР-тестирање на ваков начин и во толку голем обем, како што имаме предвидено, дополни вицепремиерот.
Битиќи сподели дека во предвид имаат 50 илјади потенцијални туристи кои во нашата земја ќе доаѓаат во текот на цела 2021 година.
Шестиот пакет мерки, како што нагласи вицепремиерот на денешната прес-конференција, е вреден 17,8 милиони евра, содржи таргетирана финансиска помош за околу 10.000 компании и околу 60 илјади вработени.