Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва во интервју за босанската „Фејс ТВ“ ги коментираше шпекулациите за нови планови за прекројување на балканските граници, уверувајќи дека „сите можат мирно да спијат“ и дека „никој не треба од ништо да се плаши“.
Во разговорот со новинарот Сенад Хаџифејзовиќ, Вучиќ рече дека Србија го поддржува територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, одговарајќи со тоа на дипломатскиот документ со потекло од Словенија испратен до Брисел, со кој се заговара припојување на Република Српска кон Србија и на Косово кон Албанија.
„Вие имате ткн. поделен суверенитет, тоа е ваша работа, ваши односи. Државата е меѓународно-правно признат субјект и тоа не е спорно. Ентитетите имаат позначајни ингеренции. Јас Република Српска ја сакам, како што ја почитувам Босна и Херцеговина. Моето прашање за вас, што никогаш не го сфатив, кај вас и кај другите луѓе е: зошто барате непријател таму каде што го немате? Ако е проблемот во тоа што Србија денес не е слаба, што таа денес економски е посилна одошто беше пред шест, седум, осум години – јас со тоа се гордеам, но со тоа треба да бидат задоволни и луѓето во Босна и Херцеговина,“ рече Вучиќ.
Српскиот претседател рече дека не го видел конкретниот „нон-пејпер“ со идеите за прекројување на границите, но вели дека претпоставената „размена“ на Република Српска за Косово нема да се случи, поради тоа што Србија во ниту едно сценарио нема да го признае Косово.
„Велите дека Србија ќе го признае независно Косово за да ја добие Република Српска. Тоа нема да се случи. Ништо од тоа не е реално, ниту добро, ниту ни е потребно и тоа е се што имам да кажам по тоа прашање. Не сакам да зборувам за нешто што суштински не постои,“ рече Вучиќ, порачувајќи им на граѓаните на БиХ: „Не ни е потребна територија на Босна и Херцеговина“ и дека „нема да има војна“.