Професори против сечење на жардиниерското зеленило кај Автокоманда: Да се престане со овој бесмислен масакр

Од:

Група на универзитетски професори и асистенти од Шумарскиот факултет остро реагираат на отстранувањето на булеварското зеленило во Автокоманда и на булеврот Гоце Делчев, во близина на зградата на Македонската телевизија и УКИМ. Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат, пак, дека не станува збор за сечење, туку дека се отстрануваат само сувите и стари садници и се заменуваат со нови.

„Како наставници (универзитетски професори и асистенти) на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектира и екоинженеринг ‘Ханс Ем’ (ХЕФ) при Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’ најостро ја осудуваме неколкудневната активност на отстранување на жардиниерското зеленило на неколку поголеми потези по должина на булеварот Александар Македонски (од хотел ‘Континентал’ до раскрсницата со ул. 16-та македонска бригада), како и моментното корнење на зеленило на булевар Гоце Делчев, поточно во близина на раскрсницата на влезот во кампусот на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методија’ и зградата на МРТВ“, пишува во реакцијата на професорите.

Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Адријан Муча, за „А1 он“ изјави дека не станува збор за сечење на зеленило туку само отстранување на сувите садници кои ќе бидат заменети со нови.

„Оваа замена се врши по налог на Град Скопје. Проценката ја направија компетентни шумарски инженери. Замената се прави внимателно и беше направена анализа на секој садник. Ова веќе го направивме и на другите булевари и секако тоа е во прилог на естетско и на еколошко подобрување на зеленилото“, ни рече Муча.

Професорите, пак, објаснуваат дека конкретното зеленило кое во изминативе неколку денови безмилосно се корне од механизација е генерално во одлична здравствена состојба, со многу мал, речиси незначителен број на исушени садници.

„Во тоа зеленило (грмушки, ниска вегетација) има уште многу години, веројатно и децении живот, доколку соодветно се одржуваат, и е сосема добро етаблирано и со значителна големина и волумен. До таа големина не се стигнува преку ноќ, ниту преку неколку години, туку е потребен долг период, понекогаш и децениски, и ‘отстранувањето’ заради замена со ново зеленило, ние го гледаме како уништување на квалитетно зеленило кое ќе се замени со зеленило на кое ќе му требаат долги години за да го постигне истиот волумен/големина и истите функции на постоечкото зеленило. Згора на тоа, преживувањето на новото зеленило не е гарантирано, а ако се суди по многубројни примери во изминатите десетина години, може да биде направено сосема нестручно и неетички, па да се исуши уште во првата година!“, велат професорите.

Тие упатуваат на неколку скорешни примери кои се доказ за оваа нивна констатација – десетици вредни садници засадени во 2020 г. околу потегот на надвозникот формиран од бул. Крсте Петков Мисирков над бул. Никола Карев (во близина на Бит-пазар), или повеќе од стотина индивидуални садници во строгиот центар на градот (околу банките) кои се исушија по само неколку години.

Професорите инсистираат „да се престане со сите активности на отстранување на зеленилото на посочените партии жардиниерско зеленило и порачуваат надлежните веднаш да го стопираат овој бесмислен масакр на здраво зеленило“.

Би можело да ве интересира

Се реконструира водоводната мрежа во дел од Автокоманда

А1он

Директорот на „Паркови и зеленило“ поднесе оставка

Катерина Ѓуровски

„Паркови“ в недела ќе го отстрани паднатото дрво во Аеродром за кое доби најава за тужба

Маја Илиевска-Пачемска

Паркови и зеленило Скопје: Остро го осудуваме вандализмот во паркот Македонија

Ана Ололовска

Арсовска го постави Ангеле Сотировски за нов в.д. директор на ЈП ”Паркови и зеленило”

А1он

Утре без вода дел од корисниците во населбата Автокоманда

А1он