Во центарот на Скопје ќе има место и за стилизираните сендвичарници со антички столбови во барокниот стил на „Скопје 2014“.
Министерството за транспорт и врски, на вчерашната лицитација, од вкупно шест, продаде три парцели со површина од по 8 метри квадратни. Парцелата на улица Македонија, до спомен куќата на Мајка Тереза, ја доби Селим Муше за 391.003 денари за метар квадратен, додека пак, парцелата на кејот на Вардар до хотелот „Холидеј Ин“ Муше ја добил за 330.800 за метар квадратен.
Фирмата Супрема ДОО ја доби парцелата во паркот Жена-Борец спроти „Соравија“, за сума од 6.600 денари за метар квадратен. По потпишувањето на овие договори, во буџетот ќе се слеат 5.827.224 денари или околу 95 илјади евра.
Последните измени ма ДУП „Мал Ринг“ предвидуваат во центарот на Скопје да никнат дури 20 стилизирани сендвичарници, трафики и други објекти кои треба да ги заменат постоечките киосци.
Најповолните понудувачи се должен пред склучување на договорот за отуѓување на градежното земјиште предмет на оваа објава, во рок не подолг од 15 дена од завршувањето на постапката за јавно наддавање, да достави банкарска гаранција за навремено и квалитетно завршување на работите во износ од 10.000 евра, со рок на важност до крајниот датум за завршување со изградбата на градбите предмет на договорот за отуѓување на градежно земјиште.
„Во спротивно ќе се смета дека градежното земјиште не е отуѓено, нема да се пристапи кон склучување на договор за отуѓување, депонираните средства на најповолниот понудувач нема да му бидат вратени, банкарската гаранција за сериозност на понудата во висина од 30.000 евра ќе биде активирана, а понудувачот нема да може да учествува на секое идно јавно наддавање за предметната градежна парцела“, соопшти Министерството за транспорт и врски.
ФОТО: build.mk