Под мотото „Право и правда“ денеска во Кочани се одржа деветтото издание на манифестацијата Вечер на македонскиот афоризам, чиј организатор е граѓанското здружение Афористичка репрезентација на Македонија (АРМ).
Годинава, поради здравствените протоколи настанот беше во дневен термин, на отворено, на локацијата Кај дабот во близина на селото Бели.
– Интересот за учество на манифестацијата беше навистина голем, имавме рекорден број пријавени, па дури и автори од странство, но поради пандемијата бевме принудени да ги редуцираме и учесниците и публиката. Сепак, среќни сме што успеавме да ги собереме најдобрите домашни автори, а за догодина кога ќе одбележиме десетгодишен јубилеј, ако дозволат здравствените услови, можеме да направиме проширување со афористичари и од други држави. Од друга страна, поради пандемијата сериозно размислуваме да го промениме називот и терминот на одржување на манифестацијата, за да не се поздравуваме со добровечер во сред бел ден, истакна Јане Атанасов, претседател на здружението Афористичка репрезентација на Македонија.
Со свои афоризми од најновото творештво настапија десетина афористичари од Кочани, Скопје, Струмица и Велес, а беа доделени и награди за најдобрите автори. Првата награда му припадна на Димитар Илиев Вилазорски од Велес, втората на Ацо Ѓорѓиев од Струмица, а третонаграден беше Јане Атанасов од Кочани.
Жири-комисијата додели и шест пофалници за учесниците, а управниот одбор на АРМ одлучи Специјалната плакета за особен придонес во развојот на хуморот и сатирата оваа година да му биде доделена на Атанас Крлевски од Велес.
Манифестацијата се одржа со финансиска поддршка од Општина Кочани и од локални компании.