Синовите на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков и ексдиректорот на Царинската управа, Влатко Мијалков, Александар и Филип, преку допис до медиумите реагираат и демантираат дека наводно претепале момче и дека заради тоа биле приведени. Тие велат дека во петокот нападнат бил нивни пријател, а тие се обидувале да ја смират ситуацијата, за да не ескалира.
„Свесни сме дека презимето кое го носиме предизвикува внимание во медиумите и јавноста, но тоа не ја намалува обврската за професионално известување и пренесување на двете страни пред да се изведе заклучок дека некој некого претепал или “бил уапсен”, се вели во реакцијата.
Тие објаснуваат дека во петокот вечерта со неколкумина пријатели биле излезени во кафуле во Дебар Маало, а околу 20.45 часот еден од пријателите во друштвото имал расправија со девојката, по што бил нападнат од неколкумина нејзини другари.
„Еден од нив, кој делуваше дека е под дејство на алкохол, извади и боксирач и удираше со него. Ние двајцата ги двоевме двете групи и се обидувавме да ја смириме ситуацијата за да не ескалира. Откако момчињата од двете групи излегоа надвор, лицето кое имаше боксирач продолжи да напаѓа, а ние се трудевме да спречиме некој да биде повреден. За жал, нашиот пријател се здоби со три расекотини на главата од боксирачот на тоа момче. Подоцна разбравме дека токму напаѓачот е тоа 19-годишно момче кое го пријавило настанот. По случката заминавме дома, а нашиот пријател побара медицинска помош. Вчера не бевме приведени, туку бевме повикани од полицијата за да дадеме исказ во врска со настанот и веднаш постапивме по поканата и кажавме што и како се случи“, стои во реакцијата.
Мијалкови велат дека еден од нивните пријатели и во текот на вчерашниот ден продолжил да добива закани на мобилниот телефон.
„Исто така во текот на вчерашниот ден, Филип беше нападнат од истата група на момчиња кои со шипки и пендраци удираа по колата во која што седеше. Во полиција е пријавен и насилен напад врз Филип, при што беше оштетено возилото во кое се наоѓаше. Се надеваме дека полицијата ќе го расчисти случајот, а со тоа ќе запрат и дезинформациите во јавноста“, се вели во реакцијата.
Од полицијата вчера информираа дека „На 27.03.2021 во 00.30 часот во Полициска станица Центар, И.С.(19) од Скопје пријавил дека на 26.03.2021 околу 21.45 часот во и пред угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од шест лица“.
„Лицата се повикани во полициска станица и известен е јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјавија од МВР.