Северна Кореја им предложи на САД преговори на високо ниво, што ќе бидат фокусирани на спорните програми за нуклеарно оружје, за да се намали напрегнатоста на Корејскиот полуостров, соопштија севернокорејските државни медиуми, цитирана од светските агенции.
Северна Кореја им предложи на САД да го определат датумот и местото за мировни преговори на високо ниво, се наведува во соопштението на Државниот комитет за одбрана, предводен од севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, пренесоа руски медиуми.
„Предлагаме преговори на високо ниво меѓу Северна Кореја и САД, за да се гарантира мирот и да се намали напрегнатоста на Корејскиот полуостров. Пјонгјанг сака сериозни дискусии за широк круг прашања, вклучувајќи го и стремежот на САД за свет без нуклеарно оружје“, се посочува во соопштението.
Претходно годинава Северна Кореја се закани со нуклеарни и ракетни напади врз Јужна Кореја и САД, откако ОН и наметнаа нови санкции на земјата заради нуклеарната проба, извршена во февруари, потсетуваат британските медиуми.