45-годишен лекар од гостиварско Чегрaне доби кривична пријава затоа што издавал лажни негативни ПЦР тестови објави Минстерството за внатрешни работи. Тој тестовите ги наплатил 1500 и 3000 денари, па вкупно се стекнал со 4.500 денари од издавањето лажни тестови.
Осомничениот во два наврати месецов, ја злоупотребил својата положба како службено лице специјалист-инфектолог во ЈЗУ Општа болница „Др. Ферид Мурат“ во Гостивар. Притоа, иако во наведената лабораторија воопшто не се вршеле ПЦР тестови, осомничениот на две пациентки им зел брис од нос и уста и за одреден финансиски надомест им издал лажен извештај за негативен ПЦР тест за SARS-CoV-2 вирусот со цел да можат да патуваат во странство. Во двата наврати тој го злоупотребил својот службен факсимил, велат од Обвинителството.
На овој начин, од една пациентка на 7 март наплатил 50 евра, додека на другата на 9 март и наплатил 1.500 денари, односно вкупно за себе прибавил противправна имотна корист од околу 4.500 денари.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор, со оглед на тоа што постои опасност осомничениот да се даде во бегство или да го повтори делото.
Е.М., кој вчера (22.03.2021) бил лишен од слобода и задржан во Полициската станица Гостивар, a со кривичната пријава денеска ќе биде однесен пред Јавен обвинител, соопшти полицијата.