Шеесет и петгодишен жител на Виница бил приведен откако под дејство на алкохол предизвикал две сообраќајни незгоди и двапати го напуштил местото на настанот.
На 21 ноември во 22:55 часот, полициски службеници од ОВР Виница го лишиле од слобода С.А. (65) од Виница.
Претходно, управувајќи автомобил „форд“ со штипски регистарски ознаки, во селото Јакимово удрил во паркиран автомобил „форд“, сопственост на жител на Виница, по што го напуштил местото на незгодата.
Продолжил да вози, но потоа удрил и во поставена патна сигнализација и бетонски ѕид, по што повторно избегал.
Полицијата го пронашла и утврдила дека возел под дејство на алкохол. При алкотестирањето му биле измерени 2,12 промили алкохол во крвта.
За случајот бил известен јавен обвинител, а по целосното документирање ќе следува соодветна пријава.
