Во врска со денешниот случај во Гостивар, Министерството за труд и социјална политика информира дека Центарот за социјална работа – Гостивар обезбеди сместување и соодветна грижа за членовите од семејството коишто денеска настрадаа во опожарен стан.
Од страна на стручниот тим на ЦСР Гостивар, а во соработка со Општина Гостивар обезбедено им е сместување и потребни услови за живот. Истовремено им е пружена психосоцијална помош и поддршка.
Досега во ЦСР Гостивар не се пристигнати никакви пријави или информации за каков било тип на родителска негрижа, злоупотреба или несовесно однесување кон кое било од децата во семејството.
Согласно евиденцијата на ЦСР Гостивар, ова семејство не било корисник на ниту едно право или, пак, услуга од социјалната и детската заштита.
Соопштението од Министерството доаѓа откако денеска Јавното обвинителство посочи дека според првичните сознанија, седумгодишното дете кое загина во пожарот, било врзано со синџир, а од семејството тоа го правдале со тврдење дека детето било агресивно.
Стручните тимови на ЦСР Гостивар се во постојана комуникација со МВР и ОЈО и ги преземаат сите мерки што се во нивна законска надлежност.
Министерството за труд и социјална политика побара од ЦСР Гостивар детално да го испита случајот во врска со семејството и состојбата на децата, по што ќе бидат преземени соодветни мерки во интерес на децата.