Преку Белизе и Белата Палата до плацови на Водно – како функционирала шемата за која Камчев заврши во притвор

Од:

Случајот „плацови на Водно“, стана познат во јавноста пред точно шест години, односно во март 2015 година, кога одекнаа снимките на тогашната опозиција СДСМ за тоа како блиски лица до тогашниот премиер Никола Груевски планирале да купат атрактивното земјиште од илјадници квадратни километри, каде меѓудругото има и преубава шума.

Локалните жители реагираа дека ова земјиште не смее да се продава, но тие не знаеја дека тоа е веќе продадено, а во снимените разговори Груевски, заедно со тогашниот министер Миле Јанакиески веќе планираат како да се изгради пат кој ќе води директно до парцелите.

Според документите од катастарот, три фирми ги имаа во раце атрактивните локации – фамозната компанија Ексико ДООЕЛ, КАРА и Сирах Инижинеринг.

Се разбира, името на Груевски не фигурираше никаде во оваа шема. Ниту пак името на ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков. Единствена фирма која ѝ беше тогаш позната на јавноста е КАРА – компанија на семејството Камчеви.

Вредното земјиште беше составено од 6 парцели од вкупно 17 илјади квадратни метри. Секоја од фирмите поседуваше по 2 парцели, но најмногу имаше Сирах Инжинеринг.

Но тука не заврши се. Обвинителството во октомври годинава отвори нова истрага, за други плацови на Водно, кои се наоѓаат во близина на Шестата управа – фирмите се исти, повторно во игра се многу пари, ликовите се исти. Овојпат, сите плацови припаѓаат на фирмата Сирах Инжинеринг.

Од производство, трговија и услуги до рекреација за пензионери

Фирмата Сирах Инжинеринг го привлече вниманието на јавноста, особено поради фактот што нејзин сопственик беше Сирах Лимитед, компанија лоцирана во даночниот рај Белизе, на истата адреса каде што тогаш беше регистриран и неделникот „Република“ и уште една компанија – Базики ЛТД, поврзана со Камчев и Цветан и Дејан Панделески, кумашинот на ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески.

Седиштето на Сирах во Македонија беше во станбена зграда во Кисела Вода, а нејзин директор беше Ристо Новачевски – име дотогаш непознато за јавноста, за кое подоцна се испостави дека е кум од првиот брак на Груевски.

Но сепак, веднаш по обелоденувањето на снимките од опозицијата, во 2015 година, фирмата Сирах го менува името – од Друштво за производство, трговија и услуги Сирах Инженеринг ДООЕЛ Скопје во октомври 2015 станува Друштво за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионери Систина Лајф Кеар Сентар ДООЕЛ Скопје.

Потоа од името на фирмата отпадна и „Систина“, па сега таа се води како Друштво за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионери Лајф Кеар Сентар ДООЕЛ Скопје.

Преименувањата на фирмата – сопственик на вредното земјиште, според обвинителството, се прави за да сокријат вистинските сопственици и патот на парите.

Ристо Новачевски беше избришан како сопственик на „Сирах“ во 2015 година, а сопствеништвото го презема бизнисменот Јордан Камчев и неговата сестра Кристина Камчева Стојческа. Понатаму, газди на фирмата стануваат различни компании на Камчеви, а во моментов, од 2019, сопственик на фирмата „Лајф Кеар“ е Ирина Самсоненко, сопруга на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Наместо во партиската каса на ВМРО-ДПМНЕ, парите од членарини и донации завршувале за купување земјиште на Водно

Парцелите на Водно се купувани во време кога тие се уште се водат како шума, а во 2012 година се менува Генералниот урбанистички план и тие се пренаменуваат во градежно земјиште

Според обвинителството, плацовите на Водно кај Шестата управа се платени 1,3 милион евра, пари од донации од фирми и членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои наместо да ги внесе во партиската каса, Груевски ги инвестирал во земјиштето на Водно. Во сето ова, тој не бил сам.

Груевски стана првоосомничен за кривичното дело перење пари, а според обвинителството, во тоа му помогнале Сашо Мијалков и неговиот кум Ристо Новачевски. Осомничени се и Јордан Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ кои, според обвинителството, се обиделе да ја прикријат сопственоста на купените парцели на Водно.

Според обвинителството, парцелите се купувани во време кога тие се уште се водат како шума, а во 2012 година се менува Генералниот урбанистички план и тие се пренаменуваат во градежно земјиште, па така расте и нивната цена.

Во 2013 година, на скандалозната седница во Општината Центар, случај познат како „Насилство во Општина Центар“ или „Шамари во Општина Центар“, се менува и Деталниот урбанистички план.

Според обвинителството, Мијалков како второосомничен, иако знаел дека парите се прибавени со кривично дело, стапил во контакт со сопственикот на фирмата во Белизе и побарал документацијата, печатите и жиро сметката да му бидат дадени на располагање.

Новачевски, според обвинителството, во својство на управител на „Сирах“ извршил плаќање кон сопствениците на земјиштето, со што бил прикриен изворот на парите и вистинскиот сопственик на вредното земјиште со вкупна површина од 11 илјади квадратни метри.

Тој понатаму ја пренесува сопственоста на друго правно лице, во случајов на фирмите поврзани со Камчеви, кои понатаму ја преименуваат фирмата за да се изгуби трагата на вистинскиот сопственик.

Од шестмината осомничени, мерка притвор минатата година доби само кумот од првиот брак на Груевски, Новачевски, а денеска и бизнисменот Јордан Камчев, поради сознанија дека може да се даде во бегство.

За најновата истрага на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал за плацовите на Водно, Груевски се огласи на Фејсбук во октомври лани.

„Се што стои во објавата со која отвориле истрага е лага и неточно и еден ден се ќе им падне. Ќе останат само траумите кои ги направиле кон сите кои ги прогонуваат и сеќавањето за времето кога Македонија е држава со најголем број политички прогонувани лица во Европа заедно со лицата прогонувани со намера да се принудат да бидат средство и алатка на власта во прогонот кон политичките неистомисленици“, напиша Никола Груевски на неговиот Фејсбук профил откако неговиот кум беше уапсен.

Со гаранција од над 300 илјади евра Ристо Новачевски годинава, во јануари, си ја „купи“ слободата во истрагата и по неполни 3 месеци излезе од затворот во Шутка.

Случајот се уште се наоѓа во истражна постапка.

Би можело да ве интересира

Мијалков излегува порано од затвор, Апелација го врати предметот „Империја“ на повторно судење

A1on

„Орка Холдинг“ на Орце Камчев ќе го презема целосно „Жито Полог“

A1on

Европски Сојуз за Промена го прашува Ахмети: Колку години затвор му простувате на Груевски со измените на Кривичниот законик

Ковачевски го повика Груевски да се врати за да се соочи со првадата

Секој што бил прислушуван сам ќе треба да тужи: Кривичен суд ги праќа на граѓанска постапка откако предметот застаре

Александар Тодески

Имот на Груевски одземен со правосилни судски одлуки оди на продажба