И покрај пандемијата со коронавирусот, сепак Автомобилистичката федерација на Македонија за годинава подготви богат календар на натпревари и тоа ридско-брзински , натпревари на кружни патеки и слалом натпревари.
-Годинава имаме богат календар на натпревари. Ќе организираме три натпревари во автомобилизам на кружни патеки, од кои два ќе се возат на автодромот во Кичево, додека една трка ќе се одржи во соседна Грција, на автодромот на градот Серез. Сезоната ќе биде отворена со првиот кружен натпревар што ќе се вози на 3 јуни на автодромот во Кичево. Технички организатор на овој натпревар, како и на преостанатите два натпревари ќе биде АКК Рено спорт од Скопје. Вториот натпревар на 27 јуни ќе се вози на автодромот во Серез ,Грција,а сезоната ќе биде заокружена со последниот натпревар на автодромот во Кичево, што ќе се вози на 5 август, информира Павле Донески од Автомобилистичка федерација на Македонија.
Тој потсети дека ридско-брзински натпревари ќе се возат на Пониква во два наврати и по еднаш во Крушево, Мариово и Кавадарци.
Термините на одржување се 9 мај и 5 септември Пониква, 8 август Крушево, 22 август Мариово и сезоната ќе биде заокружена со последниот ридско-брзински натпревар во Кавадарци на 19 септември.
Во календарот за годинава застапени се и два слалом натпревари и двата ќе се возат на патеката во Штип, на 30 мај и 26 август.