Северна Кореја ја обвини Јужна Кореја дека нејзините „злонамерни“ акции се причина за неуспехот од новиот круг преговори за намалување на тензиите. Новиот круг преговори требаше да почне вчера во Сеул.
– Додека делегација на Северна Кореја се подготвуваше да отпатува, јужниот сосед информираше дека наместо министер за национално обединување, нејзината делегација ќе ја предводи негов заменик, се вели во соопштение од Комитетот за мирно обединување на Кореја.
Пјонгјанг смета дека таа одлука за намалување на рангот „е пројава на највисок степен на непочитување во историјата на меѓукорејскиот дијалог“. Целта на преговорите беше „одмрзнување“ на затворената заедничка индустриска зона во Кесон како мерка за подобрување на довербата меѓу двете држави кои официјално се уште се во војна.