Уште половина милион дози од вакцината против коронавирусот на кинеската компанија „Синофарм“ вечерва пристигнаа на аеродромот во Белград, пречекани од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој се обрати со зборови на благодарност кон Кина за оваа и за претходните пратки од вакцината.
„Надвор од протоколот, вечерва дојдов на аеродромот „Никола Тесла“. Нашиот најголем авион, А330, донесе 500.000 вакцини на Синофарм. Дојдов за уште еднаш да ја изразам својата почит и благодарност кон претседателот Сји Џинпинг и кон кинескиот народ,“ рече Вучиќ во видео обраќањето од аеродромот, кое го објави на својот профил на Инстаграм.
„Благодарен на Кина, горд на Србија!“, напиша српскиот претседател под објавата на Инстаграм.
Во Србија досега се вакцинирани околу 1,6 милиони луѓе, а приближно една третина од нив ја имаат примено и втората доза, според официјалните податоци. Во земјата се користат вакцините на американскиот производител Фајзер, на АстраЗенека, руската „Спутник V“ и кинеската „Синовак“ на компанијата Синофарм.
Србија е на седмото место во светот според бројот на вакцинирани на милион жители, а пред неа се: Израел, Сејшелите, Обединетите Арапски Емирати, Велика Британија, САД и Малдиви.